МУЦУНСКИ ЈА ПОСОЧИ ГЛАВНАТА ПРЕЧКА Без ова нема уставни измени
Муцунски очекува Бугарија да ги исполни обврските од Европската конвенција за човекови права.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека државата останува цврсто посветена на својата стратешка ориентација кон европските интеграции, но нагласи дека во моментов не постојат услови за спроведување на уставни измени.
Одговарајќи на новинарски прашања, Муцунски истакна дека предуслов за отворање на процесот на уставни измени е градењето меѓусебна доверба, која, според него, треба да биде поткрепена со јасни институционални гаранции.
„Остануваме со јасна стратешка ориентација во надворешната политика, но исто така цврсто остануваме на позицијата дека во овој момент услови за уставни измени нема. Тие можат да се создадат врз основа на градење меѓусебна доверба, а довербата се гради преку институционални гаранции“, изјави Муцунски.
Тој посочи дека најголемата загриженост е поврзана со односите со Бугарија, нагласувајќи дека доколку Скопје се очекува да го внесе бугарското малцинство во Уставот, тогаш Софија треба да ги исполни своите обврски согласно меѓународното право и Европската конвенција за човекови права.
„Најмалку што би можела да направи соседна Бугарија е да ги исполни своите обврски во согласност со меѓународното јавно право, односно Европската конвенција за човекови права“, рече Муцунски.
