МИНИСТЕРСТВОТО ВОЗВРАЌА Не е само филм, туку општествена порака

Филмот отвора тема за говорни и комуникациски потешкотии кај младите.

МИНИСТЕРСТВОТО ВОЗВРАЌА Не е само филм, туку општествена порака
Фото: Национал

Документарниот проект „Слушни ме“ не се фокусира исклучиво на музичката кариера на Слаткаристика, туку има поширока општествена, едукативна и инклузивна цел. Преку неговата лична приказна, филмот ја отвора темата за говорните и комуникациските тешкотии кај децата и младите, истражувајќи како музиката и уметноста можат да послужат како средство за справување со овие предизвици. Притоа, испраќа порака за прифаќање, еднакви можности и поголема општествена инклузија.

Ова го соопшти Министерството за култура и туризам, кое наведе дека внимателно ги следи реакциите во јавноста по одлуката за поддршка на овој документарен филм. Од Министерството истакнуваат дека ја разбираат чувствителноста на граѓаните кога станува збор за распределба на буџетски средства, нагласувајќи дека е важно јавноста да биде целосно информирана за причините зад поддршката на проектот.

Според нив, особено значајно е тоа што филмот обработува тема која засега голем број семејства во општеството. Преку автентична приказна и познат јавен лик, проектот има потенцијал да ја подигне свеста за говорните и комуникациските потешкотии, како и да поттикне поширока јавна дискусија за потребната поддршка за овие деца и нивните семејства.

Министерството посочува дека проектот веќе има обезбедено значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата Creative Europe MEDIA, Министерството за здравство и ЈЗУ Центар за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација. Средствата доделени преку конкурсот на Агенцијата за филм претставуваат мал дел од вкупниот буџет, односно 1,6 проценти од вкупно распределените средства во овој конкурсен рок.

Истовремено, најголемиот дел од средствата, како што наведуваат, се насочени кон проекти на автори со веќе потврдени меѓународни резултати, меѓу кои се Георги М. Унковски, Јани Бојаџи, како и Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, авторите на „Медена земја“. Според Министерството, ова ја потврдува стратегијата за поддршка на квалитетни филмски проекти кои ја афирмираат македонската кинематографија на меѓународно ниво.

Од Министерството додаваат дека нивната обврска е да поддржуваат разновидни филмски проекти кои, покрај уметничката вредност, имаат и општествена улога. Тие нагласуваат дека културата не е само простор за уметничко изразување, туку и алатка за отворање општествени теми, поттикнување емпатија и градење поинклузивно општество.

Дополнително, се наведува дека продукцијата на проектот е „ОХО продукција“, која континуирано работи на аудиовизуелни проекти од национален интерес. Во моментов, таа е ангажирана и на документарец и ТВ-серија за животот и творештвото на Тоше Проески, што, според Министерството, дополнително го потврдува нејзиниот професионален капацитет и посветеност кон проекти со културна и општествена вредност.

CATEGORIES
Share This