МИЦКОСКИ: СТИГНАВМЕ ДО РАЗГОВОРИ СО БУГАРИЈА Се отвора ли нова врата за евроинтеграцијата

Испратено барање за средба со Софија, но одговор сè уште нема – Мицкоски вели дека се случило нешто што до неодамна било „невозможно“

МИЦКОСКИ: СТИГНАВМЕ ДО РАЗГОВОРИ СО БУГАРИЈА Се отвора ли нова врата за евроинтеграцијата
Фото: Национал

Средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, може да биде од корист во иднина за надминување на блокадата на европскиот пат на Македонија, но премиерот Христијан Мицкоски вели дека не е целосно задоволен од пораките што ги испратила таа.

Според Мицкоски, сепак, личниот ангажман на фон дер Лајен и оценката дека актуелната влада остварува најдобри резултати во регионот во делот на реформите претставуваат охрабрување. Во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски посочи дека веќе се направени дипломатски чекори кои, како што рече, до неодамна биле незамисливи.

До бугарската влада веќе е испратено барање за официјална билатерална средба, но од Софија сè уште нема одговор дали таа ќе биде одржана.

„Стигнавме до разговори. Порано нешто што не беше возможно, еве, се случи“, рече Мицкоски.

Тој додава дека според него претстојат уште чекори кои, како што оцени, претходните политички структури не би можеле да ги замислат. Премиерот порача дека во процесот се потребни време и трпение.

Во своето обраќање Мицкоски повторно упати остри критики кон претходните влади, користејќи го терминот „квислинзи“ за политичките структури кои, според неговата оценка, ги нарушиле националните позиции.

Тој ја спротивстави политиката на претходните влади со она што го опиша како политика на актуелната „патриотска влада“, која, според него, има задача да ги врати националните позиции.

Мицкоски директно ги спомена СДСМ и ДУИ, оценувајќи дека нивните политики во минатото довеле до состојбата со која денес се соочува државата.

Така, по средбата со фон дер Лајен и најавените контакти со Софија, македонската влада најавува нова дипломатска фаза во обидот да се надмине спорот со Бугарија и да се продолжи евроинтегративниот процес.

CATEGORIES
Share This