36 ГОДИНИ ПО ОБЕДИНУВАЊЕТО, ГЕРМАНИЈА СÈ УШТЕ ПОДЕЛЕНА Истокот заработува и наследува помалку
Новиот извештај открива длабоки економски разлики – ниту еден од шефовите на 100-те водечки германски компании не е од поранешна Источна Германија.

Триесет и шест години по обединувањето на Сојузна Република Германија и Германската Демократска Република, разликите меѓу источниот и западниот дел на земјата сè уште се значајни.
Ова го истакна Елизабет Кајзер, владина комесарка за Источна Германија, во извештајот за состојбата на германското единство, презентиран во Берлин по повод 3 октомври – Денот на германското единство.
Според Кајзер, жителите на поранешна Источна Германија во просек имаат пониски приходи, пониски пензии и помалку акумулиран имот во споредба со населението во западниот дел на земјата.
Како една од причините се посочува историски ограничениот развој на приватното претприемништво и можностите за создавање сопствени финансиски резерви во поранешна ГДР.
Особено впечатлив е податокот за застапеноста на источногерманците во врвот на германскиот корпоративен сектор: меѓу раководителите на 100 водечки германски компании нема ниту еден човек од источниот дел на земјата.
Извештајот покажува дека, и покрај 36 години заеднички политички и економски развој, наследството на поделбата на Германија сè уште се чувствува во приходите, имотот, пензиите и застапеноста во економските елити.
Германија на 3 октомври го одбележува Денот на германското единство, во спомен на обединувањето на Источна и Западна Германија во 1990 година.

