МИЦКОСКИ ОД ВАШИНГТОН: САД ЈА ГЛЕДААТ МАКЕДОНИЈА КАКО ВРВЕН ПРИОРИТЕТ – Се отвораат милијардски проекти

Премиерот најавува можности за финансирање на Чебрен и Галиште, разговори со шест компании за дата-центри и голема енергетска и инфраструктурна стратегија до 2028 година.

МИЦКОСКИ ОД ВАШИНГТОН: САД ЈА ГЛЕДААТ МАКЕДОНИЈА КАКО ВРВЕН ПРИОРИТЕТ – Се отвораат милијардски проекти
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека Македонија има статус на близок пријател и стратешки партнер на САД, а очекува во наредните години од тоа партнерство да произлезат капитални проекти од историско значење.

Во интервју за МИА од Вашингтон, Мицкоски истакнува дека односите со Соединетите Американски Држави се на високо ниво и дека актуелната американска администрација ја гледа Македонија како значаен партнер не само на Балканот, туку и пошироко во Европа.

„Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа“, вели Мицкоски.

Разговори за Чебрен, Галиште и нови инвестиции

За време на престојот во Вашингтон, премиерот разговарал со американската Корпорација за меѓународно финансиско развивање – ДФЦ за можностите за финансирање на проектите Чебрен и Галиште.

На маса биле и други потенцијални енергетски, инфраструктурни и технолошки инвестиции.

„Мислам дека ја гледаат Македонија низ најблиска оптика, дека сме врвен приоритет во регионот и ценам дека во годините што следат од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти кои ќе имаат историско значење“, вели Мицкоски.

Владата разговара со шест компании за дата-центри

Мицкоски открива дека разговорите за изградба на дата-центри не се ограничени само на компанијата „Рамбл“ на Крис Павловски.

Според него, Владата разговара со уште пет компании кои се заинтересирани за инвестиции во дата-центри во Македонија.

Премиерот посочува дека станува збор за високотехнолошки инвестиции кои треба да користат современи системи за ладење. На прашањето дали Владата може да гарантира дека ќе се применуваат технологии со мала потрошувачка на вода, тој одговорил потврдно.

„На нас ни треба високотехнолошка индустрија, со голема додадена вредност, со која ќе го зголемиме бруто-домашниот производ и стандардот на граѓаните“, вели Мицкоски.

Долгорочна стратегија за инфраструктура, енергетика и технологија

Според премиерот, планот не е ограничен на еден владин мандат, туку е замислен како долгорочна национална стратегија.

Во неа се опфатени патната и железничката инфраструктура, енергетиката и развојот на високотехнолошката индустрија.

Мицкоски смета дека поврзувањето на овие сектори може да создаде услови за нови инвестиции и развој на индустрии поврзани со вештачката интелигенција.

Гасоводот како врска меѓу Александруполи и Централна Европа

Еден од клучните проекти во планот е развојот на гасната инфраструктура, преку која Македонија би можела да стане транзитна врска меѓу ЛНГ-терминалот во Александруполи и Централна Европа.

Мицкоски очекува јужниот и северниот интерконектор да бидат завршени до крајот на 2028 година, со што значително би се зголемиле капацитетите за нови инвестиции.

„Ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи кои би произведувале електрична енергија, која потоа би се користела во некои податочни дата-центри, а од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција“, објаснува премиерот.

Во пошироката стратегија ги вбројува и Коридорите 8 и 10-д, железничките врски и високонапонските далноводи.

Идејата на Владата е транспортната, гасната и електроенергетската инфраструктура да се поврзат со инвестициите во високата технологија.

Мицкоски за Бугарија: Нема ништо брзоплето

Во интервјуто Мицкоски се осврнува и на односите со Бугарија.

Тој вели дека ова прашање неизбежно се отвора во разговорите со европските партнери, но нагласува дека Владата нема намера да носи брзоплети одлуки или да се повлекува од меѓународни договори.

Во однос на акцискиот план за малцинствата, Мицкоски најавува дека разговорите би требало да се одвиваат со присуство на претставник на меѓународната заедница, при што како можна трета страна ја посочува Европската Унија.

CATEGORIES
Share This