ПОЧИНА ТОМЧЕ ФИЛИПОВСКИ Замина легендата на Работнички и последниот претседател на ФСЈ
Еден од најзначајните македонски фудбалери ја мина речиси целата кариера во дресот на „романтичарите“, а подоцна беше и на чело на Фудбалскиот сојуз на Југославија.

На 85-годишна возраст почина Томче Филиповски, едно од најголемите имиња во историјата на Работнички и македонскиот фудбал.
Филиповски речиси целата своја играчка кариера ја мина во дресот на Работнички од Дебар Маало, за кој настапуваше во 18 сезони. За клубот одигра неверојатни 663 натпревари и постигна 225 голови, оставајќи длабока трага во неговата историја.
Во сезоната 1971/72 беше и најдобар стрелец во Втората лига на поранешна Југославија, уште еден показател за неговиот голем фудбалски квалитет.
По завршувањето на играчката кариера, Филиповски продолжи да биде активен како фудбалски работник и извршуваше значајни функции во фудбалот.
Особено значајна беше неговата улога на чело на Фудбалскиот сојуз на Југославија, чиј претседател беше од 1987 до 1991 година. Во тој период, во 1990 година, репрезентацијата на поранешната држава го имаше својот последен настап на Светско првенство. На Мундијалот во Италија стигна до четвртфиналето.
Со својата долгогодишна посветеност, настапите за Работнички и функциите што ги извршуваше во југословенскиот фудбал, Томче Филиповски останува запишан како едно од најзначајните имиња во историјата на клубот и фудбалот во Македонија.

