МИЦКОСКИ НАЈАВИ ГОЛЕМИ РАЗГОВОРИ Во петок и сабота се решава иднината на Владата
Мицкоски уверува дека коалицијата функционира стабилно и дека соработката со партнерите ќе продолжи.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во текот на петок и сабота ќе се одржат состаноци со коалициските партнери од ВРЕДИ и ЗНАМ, на кои ќе се разговара за претстојната реконструкција на Владата.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски посочи дека соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ останува стабилна и дека не очекува промени во односите меѓу партнерите.
„Во петок и сабота се закажани средбите со коалициските партнери од ВРЕДИ и ЗНАМ. Не сме во изборен период, туку сме во втората половина од мандатот и имаме исклучително коректна и пријателска соработка со ВРЕДИ. Очекувам таа соработка да продолжи и понатаму“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека по парламентарните избори во 2024 година следувале и локалните избори, на кои, како што рече, ВРЕДИ оствариле убедлива победа во 10 општини, што дополнително ја потврдува досегашната партнерска соработка.
Мицкоски коментарите ги даде при посетата на реконструираната Општа болница во Општина Струмица.


