МИЦКОСКИ НАЈАВИ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ – Реорганизација и на владата и на партијата
Владата влегува во нова фаза, неизвесност за идниот распоред и функции.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека во втората половина на јуни ќе се одржат разговори со владините партнери за идните чекори во работењето на Владата, вклучително и можните промени во нејзината структура.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со оставката на вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и евентуална реконструкција на Владата, нагласи дека по тој состанок ќе се добие појасна слика за понатамошниот распоред и состав.
Мицкоски по отворањето на новиот базен „Карпош“ истакна дека процесот е динамичен и дека во моментот фокусот е на внатрепартиски реорганизации и преструктуирања.
„Сега сум посветен на внатрепартиските поместувања, реструктуирање. Тоа отприлика планираме да го завршиме до средина на јуни и веќе втората половина на јуни да седнеме со владините партнери и да разговараме како понатаму. Мислам дека ќе се добие формата во втората половина на јуни“, рече премиерот Мицкокси.
Според него, планирано е овие активности да завршат до средината на јуни, по што ќе следат консултации со коалициските партнери за идните потези.
