МАЛКУ ПОЗНАТ ФАКТ Како Ванчо Николески пишувал на македонски кога тоа било забрането

Членство во Друштвото на писателите на Македонија, награди, признанија и трајно наследство.

МАЛКУ ПОЗНАТ ФАКТ Како Ванчо Николески пишувал на македонски кога тоа било забрането
Фото: Принтскрин

Денес се навршуваат 114 години од раѓањето на Ванчо Николески, познат македонски романсиер, раскажувач и поет.

Тој припаѓа на првата повоена генерација македонски писатели за деца и млади и генерација која се појавува непосредно по ослободувањето и има значајна улога во развојот на современата македонска литература.

Ванчо Николески е роден на денешен ден во 1912 година во селото Црвена Вода, во Дебрца, Охридско. Основно образование завршил во родното село, гимназија посетувал во Охрид, а Учителска школа завршил во Скопје. Како еден од првите учители во ослободената Дебрца, предавал на македонски јазик во време кога тоа било забрането и строго санкционирано. Во период кога немало утврдени наставни програми, самостојно подготвувал материјали и текстови и на тој начин ја организирал наставата на мајчин јазик.

По Втората светска војна работел како новинар и уредник во детските изданија „Титов Пионер“ и „Пионерски весник“, како и во детските радио емисии на Радио Скопје и Радио Битола. Голем дел од својот работен век го поминал во Битола како просветен работник, а подоцна и како пензионер. Починал во Охрид на 15 април 1980 година.

Николески уште од младоста пишувал поезија за деца, а во периодот од 1945 до 1960 година важел за еден од најприсутните автори во македонската детска литература. Темите на детството и животот на децата биле централни во неговото творештво. Неговите песни и текстови се застапени во детски списанија, читанки и антологии на македонската литература за деца.

Првите поетски дела ги објавил во списанието „Титов Пионер“. Меѓу неговите најпознати дела се поемата „Мице“, збирката песни „Мое село“, расказите „Чудотворен кавал“, историската поема „Четиринаесет илјади ослепени“ посветена на времето на цар Самоил, романите „Волшебното самарче“ и „Гоце Делчев“, како и бројни други творби.

Член на Друштвото на писатели на Македонија станал во 1950 година, а добитник е на повеќе значајни награди и признанија, меѓу кои „Климент Охридски“, „Младо Поколение“, „Курирче“, „11 Октомври“, „Змаева награда“ и други.

CATEGORIES
Share This