ДОБРИ ВЕСТИ ОД БРИСЕЛ ЗА МАКЕДОНИЈА Рокас потврди подобар извештај, Мицкоски ги откри резултатите
Европската комисија регистрирала напредок во повеќе области, а до јуни биле ослободени 142,1 милиони евра од Реформската агенда.

Македонија добила подобра оценка од Европската комисија во споредба со минатата година, без ниту една констатација за назадување, порача премиерот Христијан Мицкоски, осврнувајќи се на годишниот извештај за напредокот на земјата кон Европската Унија.
Според Мицкоски, значителен напредок е забележан во спроведувањето на Реформската агенда, а Македонија е меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот Инструмент за реформи и раст. Подобрено е и нивото на подготвеност во областите дигитална трансформација и медиуми, како и образование и култура.
Премиерот информираше дека до јуни Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на Реформската агенда. Во извештајот се наведува и економски раст од 3,5 проценти во 2025 година, како и намалување на невработеноста од 12,5 на 11,7 проценти.
Напредок е нотираn и во дигитализацијата, науката, истражувањето и образованието. До крајот на август Националниот портал опфаќал 338 електронски услуги, додека 44 државни институции го користеле новиот систем за електронско управување со документи.
Мицкоски посочи и на подобрување во правосудството, нагласувајќи дека годинава е регистриран ограничен напредок во поглавјето 23, за разлика од минатата година кога немало напредок. Сепак, уставните измени и натаму остануваат отворено политичко прашање во евроинтегративниот процес.
Евроамбасадорот Михалис Рокас потврди дека извештајот за 2026 година е подобар од претходниот. Тој истакна дека Македонија бележи напредок во дигиталната трансформација, истражувањето, науката, образованието и владеењето на правото.
Рокас посочи дека се донесени значајни закони, но нагласи дека се потребни дополнителни резултати и континуирано спроведување на реформите.
Посебно внимание посвети на медиумската сфера, каде што се разгледува усогласувањето на законската рамка со европските стандарди. Меѓу клучните прашања ги наведе транспарентноста на сопственоста на медиумите, државното рекламирање, конкурентноста, државната помош и интелектуалната сопственост.
Рокас порача дека Европската Унија внимателно ги следи случувањата во медиумскиот сектор и е подготвена да обезбеди стручна помош за законските измени.
Мицкоски, пак, нагласи дека Владата ќе продолжи со реформите, борбата против корупцијата и јакнењето на институциите, оценувајќи дека главната пречка за продолжување на европскиот пат остануваат политичките услови поврзани со уставните измени.

