МАЛЕНКО ТВРДИ: ЈАС МУ ЈА ОТВОРИВ ГАРАЖАТА Груевски со остар одговор: Маленко измислува приказни за моето заминување

Поранешниот премиер Никола Груевски остро ги отфрли тврдењата на Александар Маленко дека во ноември 2018 година ја напуштил Македонија преку Охрид, од хотелот „Ројал Вју“, оценувајќи ги како целосно невистинити и измислени.
Маленко тврдеше дека лично ја отворил гаражата на хотелот во раните утрински часови на 10 ноември 2018 година, кога Груевски наводно заминал со возило управувано од негов шофер и придружуван од обезбедување. Според него, семејството на Груевски останало во хотелот и го продолжило престојот.
Маленко изјави и дека Груевски пристигнал во Охрид три дена претходно, со семејството, лично обезбедување и службеници од МВР, а престојот бил најавен како ВИП-посета согласно безбедносните процедури.
На овие наводи реагираше самиот Груевски преку објава на Фејсбук.
„Никогаш во животот не сум се сретнал и не сум разговарал со Александар Маленко, ниту пак тој бил некаква сериозна тема за било што“, напиша Груевски.
Тој категорично негира дека во деновите пред заминувањето од Македонија престојувал во охридскиот хотел со своето семејство.
„Лага е дека последните неколку дена пред моето заминување од Македонија со моите деца и поранешна сопруга сум престојувал во хотелот кој тој го именува. Тоа лесно може да се утврди преку нивното присуство во училиштето, односно на работното место, како и преку бројните средби кои ги имав во тие денови во Скопје“, наведува Груевски.
Тој појаснува дека во истиот хотел престојувал околу седум месеци претходно, за време на велигденските празници, кога заминал неколку часа пред остатокот од семејството поради службени обврски.
Груевски додава дека ретко реагира на, како што вели, секојдневните напади и лаги насочени кон него, но овојпат решил да се огласи затоа што во приказната биле споменати и припадници на неговото поранешно обезбедување.
„Со оглед дека недолжно и неправедно се спомнати членовите на моето поранешно обезбедување, кои немаат никаква врска со моето заминување од Македонија, се одлучив за оваа реакција“, истакна Груевски.
Поранешниот премиер ја напушти Македонија во ноември 2018 година и доби азил во Унгарија, откако преку Албанија, Црна Гора и Србија стигна до Будимпешта. И покрај истрагата што беше отворена за неговото бегство, досега никој не сноси одговорност за случајот.


