ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, вторник, 09 јуни 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

Политички преглед на денот, вторник 09 јуни 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?

ВМРО-ДПМНЕ: Дали уцена го мотивира Филипче да не отстапува од бугарската агенда?

Најголемите национални предавства и порази се случија токму додека СДС беше власт, промена на името, промена на знамето, уставни измени, и сите овие оставија последици врз националното достоинство. Од СДС повторно, дури и во опозиција, испраќаат пораки дека се подготвени на нови отстапки. Јавноста се изнаслуша изјави дека СДС се подготвени да ја редефинираат македонската историја, а Филипче гордо вели дека тој ќе ги спроведел уставните измени и со месеци прави напори да се доближи до Бугарија, а во процесот го релативизира македонскиот идентитет.

За СДС и Филипче, уставните измени не се прашање на државен интерес. За нив тоа е само чекор кој треба да го направат за да дојдат на власт, па затоа постојано се додворуваат на Румен Радев и Бугарија. Јасно беше дека воопшто не им е битна Македонија, македонските граѓани, ниту пак македонските интереси, откако Филипче ги усогласи своите ставови со бугарското МНР, иако позициите на Софија за евроинтегративниот пат на  Македонија остануваат и понатаму непроменети и цврсти.

На Филипче не му е проблем да прифати наративи кои го доведуваат македонскиот идентитет, историја и јазик во прашање. Не му е проблем да потпише дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, и да ја редефинира историјата. Наместо тоа, од СДС се занимаваат со промовирање на нови програми, која Филипче помпезно ја најавуваше и која ја рефлектира нивната хипокризија, дека ќе се борат против се она што токму тие самите го правеа додека беа на власт.

Под маската на европска перспектива, Филипче и СДС се обидуваат да соберат поени и да остават подобар впечаток во Софија. СДС се бори за обезличена Македонија. На СДС им пречи тоа што оваа Влада води политика заснована на заштита на националните интереси и достоинството на државата. Им пречи тоа што Македонија има јасни позиции, а не политика на постојани отстапки и попуштања.

ЕУ гледа на Макдонија како држава која е сериозна, која работи на модернизација и која има сериозна намера да напредува, и се позиционира како одговорна држава и позитивен пример во регионот. Но останува едно прашање, на кое што СДС и Филипче не даваат одговор. Зошто толку упорно инсистираат на уставни измени без гаранции, и се залагаат за исполнување на туѓи агенди.

Која е причината поради која Венко Филипче не отстапува од оваа агенда и со што е уценет?

СДСМ: Со „Скопска иницијатива“ и платформата „Твоја држава, твоја шанса“ СДСМ отвора ново поглавје за иднината на Македонија

СДСМ започнува нова етапа на политичко дејствување, заснована на вредностите на социјалдемократијата, борбата за подобар животен стадард, борба против корупцијата и за европската иднина. Со усвојувањето на програмската платформа „Твоја држава, твоја шанса“, СДСМ ја претстави својата визија за модерна, напредна, праведна и европска Македонија – држава во која трудот се вреднува, институциите работат за граѓаните, а младите ја гледаат својата иднина дома.

СДСМ е на страната на младите, на работниците, пензионерите, земјоделците и сите граѓани кои чесно живеат од својот труд. Во оваа насока „Твоја држава, твоја шанса“ нуди конкретен одговор на најголемите предизвици со кои денес се соочуваат граѓаните: високите цени, ниските плати, иселувањето на младите, корупцијата и слабите институции.

СДСМ се обврзува на политики што ќе обезбедат раст на платите, заштита на работничките права, правично оданочување, силна борба против корупцијата, независно судство, достапно здравство и квалитетно образование. Преку „Скопската иницијатива“, СДСМ ја потврди својата улога како обединувачки фактор на поширокото прогресивно движење во регионот и Европа, кое се спротивставува на корупцијата, авторитарноста и антиевропските политики.

Европа не е апстрактна политичка цел, туку подобар живот дома, повисоки плати, владеење на правото и повеќе шанси за секој човек. Македонија не смее да остане заглавена во национализам, популизам и политички манипулации кои ја оддалечуваат од европската иднина. Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој и европски вредности преку поширок Фронт за вистина и правда.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Единствена Македонија со остра реакција, провиден обид за политичка дискредитација на партијата за случајот Куклица

Единствена Македонија најостро реагира на обидите на одредени медиуми да воспостават тенденциозна и неточна поврзаност меѓу партијата и случајот поврзан со наплатата во локалитетот Куклица, Кратово.

Сметаме дека е целосно неточно и неосновано да се создава впечаток за партиска одговорност за прашања кои се во надлежност на институциите, кои треба да постапуваат согласно закон и да ја утврдат целосната фактичка состојба.

Јавноста е сведок на институционалните слабости на локално ниво во општина Кратово, поради што сметаме дека фокусот на јавноста и медиумското известување треба да биде насочен кон утврдување на сите релевантни факти, можни пропусти и одговорности во системот, а не кон политичко етикетирање.

Загрижува фактот што наместо објективно информирање за надлежностите на институциите и реалните околности на терен, се избира пристап кој создава политички контекст без целосна и проверена фактичка основа.

Дополнително, прашуваме зошто во вашите медиумски објави се игнорираат информации за проекти и активности поврзани со посочените лица, кои биле финансирани од Европската унија токму за локалитетот Куклица, додека истовремено се инсистира на насоки кои создаваат селективна и непотполна слика во јавноста.

Единствена Македонија останува на ставот дека ваквиот пристап е едностран и придонесува кон создавање погрешна перцепција кај јавноста. Очекуваме професионално, објективно и балансирано известување, засновано на проверени информации и целосен контекст.

Во спротивно, ваквите обиди за создавање тенденциозна поврзаност на партијата со случајот во Куклица ќе ги сметаме за политичко етикетирање без фактичка основа, со јасна намера за нарушување на угледот на партијата преку селективно и невистинито известување надвор од контекст на настанот.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

 

CATEGORIES
Share This