МАКЕДОНСКИОТ РУБИН ДОБИВА НОВА ЗАШТИТА Ќе се знае кој го ископува, од каде потекнува и како се продава
Формирана е нова Комисија која треба да воспостави систем за сертификација, евиденција и следливост на македонскиот рубин, а започнува и процесот за негово меѓународно препознавање.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини продолжува со активностите за целосна институционална заштита, уредување и афирмација на македонскиот рубин.
Во Министерството се одржа работна средба на министерката Сања Божиновска со новоформираната Комисија за македонскиот рубин, претставници на Државниот завод за индустриска сопственост, надлежните сектори за геологија и рударство и директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов.
Формирањето на Комисијата претставува нова фаза во процесот на заштита на македонскиот рубин. Целта е да се воспостави функционален систем преку кој ќе се контролира потеклото на рубинот, неговото ископување, производство и обработка, како и начинот на кој ќе се пласира на пазарот.
„Со заштитата на македонскиот рубин направивме историски чекор, но со тоа работата не завршува. Сега започнува следната, многу важна фаза – да воспоставиме систем кој ќе гарантира дека кога некој ќе купи македонски рубин, навистина знае дека станува збор за рубин со потекло од Македонија, кој е сертифициран, евидентиран и заштитен“, истакна Божиновска.
Таа додаде дека целта е природното богатство да се претвори во препознатлива национална вредност и бренд, со јасни правила и стандарди.
Геолошка експертиза, рударство и правна заштита
Особено значајна е соработката со Државниот завод за индустриска сопственост, кој има надлежности во областа на индустриската сопственост, географските називи и меѓународната соработка.
Со вклучувањето на ДЗИС, Геолошкиот завод и стручните служби на Министерството се воспоставува институционален механизам кој треба да ги поврзе геолошката експертиза, рударската регулатива и правната заштита.
Целта е македонскиот рубин да добие јасно дефиниран статус, препознатливост и контролиран пазарен настап.
Амбиција за меѓународно препознавање
Паралелно со домашниот систем на сертификација и следливост, започнат е и процесот за меѓународна афирмација на македонскиот рубин.
„Македонскиот рубин не треба да биде само минерал кој го знаеме ние. Треба да стане препознатливо име поврзано со Македонија. Затоа работиме на систем кој ќе овозможи неговата вредност да се гради на автентичност, потекло, квалитет и доверба“, рече Божиновска.
Македонскиот рубин се смета за геолошки уникат, препознатлив по специфичната малиново-розева боја, поврзана со присуството на хром во неговата кристална структура.
Неговата појава во регионот на Прилеп и Мариово му дава посебна геолошка вредност, а институционалната заштита отвора можност за негово контролирано искористување, сертификација, брендирање и промоција.

