ХОМЕР ОЖИВУВА ВО СКОПЈЕ Троја, Кокино и „Илијада“ во уникатна музејска авантура
На 20 септември посетителите нема само да слушаат за светот на Хомер и ќе истражуваат археолошки предмети, ќе решаваат предизвици и ќе учествуваат во авторски игри.

На 20 септември во Националниот археолошки музеј во Скопје ќе се одржи „Светот на Хомер“, авторско игрифицирано музејско доживување што ги поврзува Хомеровите епови со археологијата, музејските предмети, раскажувањето приказни и активното учество на публиката.
Наместо класично предавање, учесниците ќе истражуваат археолошки предмети и реплики, ќе работат со мапи и визуелни материјали, ќе решаваат предизвици и ќе учествуваат во авторски игри преку кои постепено ќе го откриваат светот зад „Илијада“ и „Одисеја“.
Доживувањето ги поврзува Кокино, микенскиот свет, Троја, Пајонците и археолошките предмети од музејската поставка во една заедничка приказна. Дел од програмата се и две авторски игри: „Патот на Сонцето“, инспирирана од Кокино, и стратешката игра „Светот на Хомер“.
Автор на концептот е м-р Василка Димитровска, археолог и сертифициран тренер за интерпретација на наследството, основач на Креактива, студио за раскажување приказни и дизајн на доживувања.
„Светот на Хомер“ се реализира во соработка со Националниот археолошки музеј во Скопје, во рамките на Европските денови на наследството.

