ГОЛЕМ ПРЕСВРТ Нема затворање на границите кон ЕУ на 14 септември, превозниците го одложија протестот
По средбата со претставници на земји од Шенген-зоната, превозниците од Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора одлучија да му дадат шанса на договорот за проблемот со престојот на професионалните возачи.

Најавениот протест на превозниците од Западен Балкан, со кој на 14 септември требаше да бидат затворени граничните премини кон Европската Унија, нема да се одржи.
Од Асоцијацијата „Макам-транс“ информираа дека, по средбата со претставници на дел од земјите членки на Шенген-зоната, преку Мисијата на Европската Унија во Белград, сите подготовки за протестот се ставени во мирување.
Во разговорите учествувале претставници на превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Тие постигнале договор засега да не го реализираат протестот и да му дадат шанса на процесот за изнаоѓање решение за проблемите со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Од „Макам-транс“ велат дека со одлуката покажале добра волја и разбирање за последиците што би можеле да настанат доколку дојде до прекин на транспортот и синџирот на снабдување меѓу Западен Балкан и ЕУ.
„Искажавме доверба во ветувањето дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген-зоната подолг од 90/180 дена, до изгласувањето на новата визна стратегија во втората половина на 2027 година“, соопштија од „Макам-транс“.
Од Асоцијацијата посочуваат дека протестот засега е ставен вон сила, што остава простор за продолжување на разговорите и барање конкретно решение за превозниците од регионот.

