МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ ОСВОЈУВА СЦЕНА ВО ТИРАНА „Мајка“ на Теона Стругар Митевска го отвора TIFF
Пет македонски филмови, два мастеркласа и член во жирито - силно македонско присуство на престижниот фестивал

Годинашното издание на „Tirana International Film Festival – TIFF“ во Тирана ќе биде отворено на 21 септември 2026 година со проекција на филмот „Мајка“, во режија на Теона Стругар Митевска, информира Македонскиот културен центар во Тирана.
Во рамките на фестивалот ќе биде претставена специјалната програма „Фокус на современиот македонски филм“, иницирана и реализирана од Македонскиот културен центар во Тирана, под раководство и координација на директорката Ема Попивода, во соработка со „Tirana International Film Festival“.
„Особено ме радува што современата македонска кинематографија годинава добива значајно место на еден од најреномираните филмски фестивали во Албанија. Присуството на пет македонски филмови, два мастеркласа и македонски претставник во жирито претставува силна промоција на нашето филмско творештво и отвора нови можности за културна соработка“, изјави Попивода.
Филмот „Мајка“ се фокусира на пресуден период од животот на Мајка Тереза и нејзината одлука да го напушти манастирот Лорето во Калкута и да основа сопствен религиозен ред посветен на помагањето на сиромашните.
Покрај филмот со кој ќе биде отворен фестивалот, во програмата ќе бидат прикажани уште четири македонски филмови:
- „Good People“ (2025), во режија на Милчо Манчевски;
- „Iron Castle“ (2025), во режија на Митко К. Панов;
- „Dogs Have No Dreams“ (2026), во режија на Ханис Багашов;
- „Antigona“ (2025), во режија на Ибер Деари и Мирсад Абази.
Македонското присуство ќе биде збогатено и со два мастеркласа на Теона и Лабина Митевски, на кои ќе биде претставен процесот на создавање, развој и продукција на филмско дело.
Дополнително, македонскиот продуцент Јане Ќортошев ќе биде член на жирито на фестивалот.
Реализацијата на македонската филмска програма и дел од придружните настани е поддржана од Македонскиот културен центар во Тирана и Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.

