БАЛКАНОТ СЕ СЛЕВА ВО СКОПЈЕ Џез, класика и нова музика на Скопскиот градски фестивал
Од денеска до 26 септември настапуваат уметници од Македонија, Словенија, Албанија, Грција, Црна Гора и Бугарија, со премиерни проекти, нови соработки и концерти што ги спојуваат различните музички традиции на регионот.

Од денеска до 26 септември во Скопје ќе се одржи седмото издание на Скопскиот градски фестивал, кој годинава е посветен на музичкиот и културниот дијалог меѓу Македонија и земјите од регионот.
Фестивалската програма носи настапи на уметници од Македонија, Словенија, Албанија, Грција, Црна Гора и Бугарија, со концерти што ги спојуваат џезот, класичната музика, современото авторско творештво и балканското музичко наследство. Дел од проектите се подготвени специјално за фестивалот, а публиката ќе има можност да проследи и премиерни изведби.
Еден од гостите е словенечкиот саксофонист и композитор Васко Атанасовски, кој ќе настапи со Profundus. Атанасовски има богата концертна и дискографска кариера и е меѓу позначајните современи словенечки музичари на регионалната и европската сцена. На концертот ќе бидат изведени негови авторски композиции, но и дела инспирирани од балканската музичка традиција.
Специјално за годинашното издание е создаден и меѓународен проект во кој учествуваат македонскиот контрабасист Мартин Ѓаконовски, албанскиот пијанист и композитор Gent Rushi и грчкиот хармоникаш Thanos Stavridis. Тројцата музичари подготвуваат заедничко авторско дело, кое премиерно ќе биде изведено на фестивалот.
Проектот ги спојува различните музички искуства на тројцата автори – од џезот и етномузиката до медитеранските влијанија – и директно се надоврзува на идејата на фестивалот за музичко поврзување на регионот.
Во програмата е застапена и пијанистката Милјана Николиќ со проектот „Балкански композитори“, посветен на современото творештво на автори од регионот. Николиќ, добитничка на повеќе меѓународни награди и учесничка на фестивали во Европа и регионот, преку својот репертоар воспоставува врска меѓу класичната музичка форма и современиот балкански израз.
Истата фестивалска вечер ќе настапи и македонскиот гитарист и мултиинструменталист Мухамед Ибрахими. Неговиот авторски пристап ги комбинира ориенталните музички влијанија со современата акустична и амбиентална музика.
На фестивалот ќе биде претставен и албумот „Beyond The Silence“ на македонскиот виолончелист Антонио Илиоски и бугарската пијанистка Јана Василева Лолова. Дуото е формирано во 2024 година, а преку заедничката работа ги поврзува македонската и бугарската музичка сцена и нуди современо видување на класичниот музички израз.
На 20 септември, на летната сцена „Лепеза“ во Градскиот парк, ќе настапи и младата скопска група Фрекфенција, составена од ученици од основно училиште. Со нивното учество, фестивалот отвора простор за младите музичари и им овозможува да бидат дел од професионален фестивалски контекст уште на почетокот од нивниот музички пат.
Сите останати концерти ќе се одржуваат во камерната сала на Македонската филхармонија.
Скопскиот градски фестивал е основан во 2021 година, а во изминатите шест изданија изгради препознатлив програмски концепт и свое место на домашната културна сцена. Досега на фестивалот настапиле повеќе од 100 уметници од Македонија и регионот, реализирани се бројни премиерни концертни проекти и нови уметнички соработки, а фестивалот постепено изгради публика која ја следи неговата програма.

