МАКЕДОНИЈА ВО ЦЕНТАРОТ НА НОВИОТ ГАСЕН КОРИДОР Четири земји на клучен енергетски самит
Четири земји го забрзуваат енергетското поврзување, а Македонија со интерконекторите кон Грција и Србија влегува во новиот регионален гасен коридор.

Министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија идната недела во Србија ќе го одржат вториот министерски самит, на кој во фокус ќе бидат регионалната енергетска соработка, забрзувањето на инфраструктурните проекти и зајакнувањето на сигурноста на енергетските системи.
Средбата е продолжение на самитот во Атина одржан во мај, кога четирите земји ја истакнаа потребата од подобра прекугранична поврзаност, интеграција на енергетските пазари и побрза реализација на стратешките проекти.
За Македонија меѓу најзначајните се гасните интерконектори со Грција и Србија. Интерконекторот со Грција треба да обезбеди пристап до повеќе извори на природен гас, вклучително и LNG инфраструктурата, а планираниот почетен капацитет е 1,5 милијарди кубни метри годишно. Изградбата е во тек, а завршувањето е планирано за 2027 година.
Во меѓувреме, во септември беше потпишан договорот за проектирање и изградба на македонскиот дел од интерконекторот со Србија, вреден 29,4 милиони евра. Делницата ќе биде долга 22,4 километри, со двонасочен проток и капацитет од 1,4 милијарди кубни метри годишно.
Македонија и Србија во септември се приклучија и кон проширувањето на Вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан. Целта е да се овозможат поголеми и пофлексибилни прекугранични текови на гас и дополнителни можности за снабдување од југ кон север.
На самитот ќе се разговара и за електроенергетските мрежи, размената на електрична енергија, обновливите извори и складирањето енергија, како и за понатамошна интеграција на регионалните пазари.
Вториот самит треба да ги надгради договорените приоритети од Атина со конкретни чекори за поголема енергетска сигурност, диверзификација и регионална поврзаност.

