ЛЕВИЦА И КРИЛОТО НА СДСМ СЕ ЗДРУЖИЈА Заедно против Филипче – картите се отворија
Нов политички фронт во опозицијата? На дебатата се сретнаа Левица, поранешни кадри на СДСМ и граѓански активисти

Демократската платформа „Разговори за иднината во 12:05“ денеска ја одржа втората сесија посветена на 35-годишнината од независноста на Македонија, насловена „35 години потоа…“.
Од Платформата информираат дека и на втората сесија биле задржани истите принципи, а учесниците биле поделени во три неформални групи – влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии, актуелни опозициски носители на јавни функции и истакнати припадници на различни генерации на СДСМ. Разговорите се одвивале согласно принципот „Chatham House Rules“, односно без јавно припишување на поединечни изјави, освен ако поинаку не е договорено.
„35 години независност, а премногу ненаучени лекции“
Според заклучоците објавени од Платформата, во изминатите 35 години Македонија постигнала помалку суштински системски напредок отколку што било очекувано.
Од Платформата оценуваат дека болните компромиси направени во процесот на меѓународното етаблирање на државата создале долгорочни поделби во македонското општество, кои, според нив, продолжуваат да влијаат врз неопходните внатрешни реформи.
Посебно место во дискусијата имала и симболиката на „12:05“, како порака дека „веќе е доцна“, но дека не смее да стане предоцна за Македонија, особено во контекст на очекуваното полноправно членство во Европската Унија.
Транзицијата и приватизацијата оставиле длабоки последици
Учесниците заклучиле и дека предолгата транзиција имала тешки последици за голем број граѓани.
Во заклучоците се посочува дека приватизацијата на општествениот капитал од поранешната СФРЈ придонела за создавање големи социјални и економски разлики, со поделба меѓу мал број исклучително богати и голем број сиромашни работници и семејства.
Како еден од клучните проблеми се издвојува и демографското стареење на државата, поврзано со иселувањето на младите и недостигот на кадар.
„Професионалната политика стана занает за брзо богатење“
Во документот се критикува и начинот на функционирање на политичкиот систем. Од Платформата наведуваат дека професионалната политика, наместо да биде простор за носење државнички одлуки и одговорни политики, се претворила во „занает за брзо богатење“.
Воедно, остро се критикува и актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која Платформата ја обвинува за недоволна борба против криминалот и корупцијата, отсуство на суштински реформи во правосудството, слабости во јавните услуги, финансиска неликвидност и неисполнети ветувања.
Бараат промена на изборниот модел
Еден од клучните предлози е промена на изборниот модел. Платформата предлага во првата фаза да се воведе една изборна единица, а во втората фаза отворени кандидатски листи.
Според нив, тоа би овозможило поголема репрезентативност и разновидност на политичката понуда, како и поголема одговорност на избраните пратеници пред граѓаните. Како дополнителен приоритет се наведува и воспоставување правичен даночен систем со кој, според Платформата, би се овозможило намалување на сиромаштијата.
„На Македонија ѝ е потребен Нов општествен договор“
Учесниците оцениле дека традиционалните политички поделби треба да се надминат и дека државата нема повеќе простор за дополнително продлабочување на партиските и етничките поделби. Од Платформата порачаа дека е потребен „Нов општествен договор“, кој би бил основа за создавање поширок опозициски потенцијал за политички промени.
На дебатата учествувале Игор Ивановски како модератор, Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Никола Ќуркчиев, Славјанка Петровска, Амар Мециновиќ, Емир Чориќ, Мирослав Јовановиќ, Ема Нешковска, Димо Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Милена Стевановиќ, Игор Алаџајков, Милена Цветановска, Костадин Ацевски, Горан Стојковски – Диро, Оливер Стојмановски, Владимир Трајковски, Мартин Михајловски, Ненад Марковиќ, Предраг Трпески, Драган Миновски, Звонко Давидовиќ, Марин Гавриловски, Ивор Мицковски, Сретен Богоевски, Висар Вишка, Љубиша Николовски, Умејр Мухамеди, Невзат Умер, Бојан Столевски, Даријан Главинац, Нури Неџипи, Влатко Неделковски, Ристе Костовски, Христијан Божиноски и Александар Бајдевски, кој се обратил онлајн.
Ивановски: „На Филипче ќе му биде потешко, но не смее да му биде потешко на СДСМ“
Во пресрет на расправата, Игор Ивановски, поранешен потпретседател и пратеник на СДСМ, изјави дека лидерот на партијата Венко Филипче се соочува со тешка ситуација, но дека, според него, партиските проблеми не смеат да се продлабочуваат.
„Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко. И ќе му биде уште потешко. Но не смее да му биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, барем на крајот со своите постапки да помогне оваа, во моментов, заробена партија, да се отвори и да му се врати на членството. Низ една нормална демократска постпка, процедури и членството на крај ќе одлучува. Но едно е јасно, во ваква состојба каква што е сега партијата не може да победи на избори“.
Ивановски порача дека Филипче има можност преку демократски процедури и со вклучување на членството да придонесе за отворање на партијата.
Тој оцени и дека во актуелната состојба СДСМ не може да победи на избори.
Мециновиќ од Левица: „СДСМ е колосално разочарување“
На расправата учествувал и пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, кој претходно беше кандидат за градоначалник на Скопје. Мециновиќ изјавил дека ја прифатил поканата за да разговара за различни опозициски елементи во општеството, но истовремено упатил остри критики кон СДСМ.
Тој го оцени СДСМ како „колосално разочарување за македонските граѓани во изминативе 30 години“, притоа критикувајќи ја партијата и поради нејзиниот однос кон неговата кандидатура на локалните избори во Скопје. Неговите изјави доаѓаат во присуство на повеќе поранешни и актуелни функционери на СДСМ, меѓу кои Андреј Петров, Гордан Георгиев, Никола Ќуркчиев, Емилијан Станковиќ и Славјанка Петровска.
На дебатата учествувале и претставници од граѓанскиот и академскиот сектор, меѓу кои адвокатот Звонко Давидовиќ и професорот Ненад Марковиќ.
Платформата најави план за консолидација на СДСМ
Од Платформата „12:05“ информираа дека по денешната проширена расправа ќе му достават на лидерот на СДСМ Венко Филипче „План за консолидација и структурни промени“, како предлог што, според нив, треба да придонесе за промени во партијата. Од СДСМ, пак, претходно денеска упатија критики кон членовите на Платформата и ја обвинија дека има политичка поддршка од премиерот Христијан Мицкоски.
Од партијата во својата реакција наведоа дека поддршката од министри од ЗНАМ претставува потврда на нивната теза дека станува збор за пошироко политичко дејствување насочено против актуелното раководство на СДСМ. Со денешната сесија Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ја продолжи иницијативата за дебата за политичките и општествените состојби, со фокус на промените во опозицискиот блок, изборниот модел и идниот политички развој на државата.

