ОД АВТОМОБИЛИ ДО ОРУЖЈЕ – Мерцедес и Фолксваген влегуваат во воената индустрија
Потенцијалниот влез во одбранбениот сектор се гледа како нов извор на приходи и стабилност.

Германските автомобилски гиганти, меѓу кои Мерцедес и Фолксваген, сè почесто се поврзуваат со можноста за делумно пренасочување на своите производствени капацитети кон одбранбената индустрија, пренесуваат германските медиуми.
Претседателот на управниот одбор на Мерцедес-Бенц, Ола Келениус, во интервју за „Волстрит џурнал“ изјави дека денешните геополитички околности ја прават Европа понеизвесна и дека постои потреба од зајакнување на одбранбената и индустриската подготвеност. Тој нагласи дека компанијата е подготвена да разгледа поширока примена на своите инженерски и производствени капацитети, вклучително и во одбранбениот сектор.
Сепак, Келениус подвлече дека автомобилското производство ќе остане основна дејност на Мерцедес, додека евентуалното вклучување во одбранбената индустрија би било дополнителна, растечка бизнис-насока. Тој посочи дека автомобилската индустрија веќе произведува сложени и прецизни системи, кои можат да бидат применливи и во други технолошки области, а како пример ја наведе и Г-класата, чии модифицирани верзии се користат во различни безбедносни и воени служби ширум светот.
Слични најави пристигнуваат и од Фолксваген, кој според германските медиуми разгледува поголема диверзификација во одбранбени проекти. Дел од нивните производни капацитети би можеле да бидат пренаменети за изработка на компоненти за безбедносни и воени системи, а се споменува и потенцијална соработка со странски одбранбени компании.
Овие стратешки промени се случуваат во период кога германската автомобилска индустрија се соочува со пад на побарувачката, реструктуирања и најави за затворање на дел од фабриките и отпуштања на работници.
