КРВАВИ ГРАБЕЖИ ВО СКОПЈЕ Четворица осомничени за две убиства во Хром и Ѓорче Петров
Осомничените, според истрагата, ги врзувале жртвите, ги тепале и ограбувале, а украдениот златен накит го продавале во златарница во Старата скопска чаршија.

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, за кои постои основано сомнение дека заеднички извршиле две кривични дела – разбојништво, при што жртвите биле лишени од живот. Според информациите од Обвинителството, првиот напад се случил во раните утрински часови на 22 октомври, кога осомничените насилно влегле во куќа во скопската населба Хром.
Тие го врзале сопственикот за рацете и нозете, по што почнале да го удираат по главата и телото и го задушиле со перница. Потоа ја пребарале куќата и одзеле пари и златен накит во вкупна вредност од околу 300.000 денари. Истиот ден попладне, еден од осомничените ги земал останатите со своето возило и ги однел до златарница во Старата скопска чаршија, каде што го продале украдениот накит за 2.840 евра.
Вториот напад се случил ноќта меѓу 26 и 27 октомври во куќа во Ѓорче Петров. Според истрагата, осомничените со физичка сила ја нападнале сопственичката, ја удирале по главата и телото, а потоа ѝ ги врзале рацете, нозете и устата и ја однеле во бањата.
Жената починала како последица на нанесените удари. Осомничените од куќата одзеле пари, накит и вредни предмети во вкупна вредност од околу 200.000 денари. И во овој случај, како што соопштуваат од ОЈО, украдениот златен накит бил продаден на сличен начин како и по првиот напад.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени. Со оглед на тоа што жртвите, според сомневањата, биле намерно лишени од живот за време на разбојништвата, истрагата се води за тежок облик на кривичното дело разбојништво.
За ова дело е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
УАПСЕНО ТРЕТО ЛИЦЕ ЗА УБИСТВАТА ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Двајца починати за пет дена, истрагата продолжува

