ЖЕНИТЕ РОМКИ НЕ СМЕАТ ДА БИДАТ НА МАРГИНИТЕ Демократската партија Ромите најавува конкретни чекори за промени
По извештајот на ромската асоцијација „Родоп“ од Штип, Демократската партија на Ромите изразува загриженост и најавува активности за поголема економска независност, образование и заштита од насилство.

Демократската партија Ромите изразува длабоко жалење и загриженост поради неповолната положба во која се наоѓаат голем број жени Ромки во Македонија претставена во извештајот на Ромската асоцијација „Родоп“ од Штип. Недоволното образование, невработеноста, сиромаштијата, економската зависност и дискриминацијата создаваат сериозни пречки за нивно рамноправно учество во општеството и остварување на основните човекови права.
Особено загрижува фактот што голем број жени Ромки се соочуваат со насилство, но поради финансиска несигурност, немање сопствен дом и недоволна институционална поддршка не се охрабруваат да го пријават и да побараат заштита. Ниту една жена не смее да биде принудена да остане во насилна средина затоа што нема економски услови да започне самостоен живот.
ДПР ги охрабрува сите жени и девојки Ромки да бидат поактивни, да се образуваат, да ги бараат своите права, да се вклучуваат на пазарот на трудот и да учествуваат во општествените и политичките процеси. Нивниот глас мора да се слуша, нивните способности да се препознаваат, а нивната положба да се менува со конкретни дела, а не само со декларативни заложби.
Поразителен е податокот од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, според кој, во периодот од 2022 до 2024 година биле вработени само осум од 100 жени Ромки.
Како политичка партија која отсекогаш е на првата линија во борбата за подобрување на положбата на ромската заедница во државата, Демократската партија на Ромите нема да остане нем набљудувач на овие состојби. Ќе преземеме енергични и конкретни чекори за надминување на неповолната положба на жените Ромки, за нивно поголемо економско осамостојување, подобар пристап до образование и вработување, како и за посилна заштита од секој облик на насилство и дискриминација.
Истовремено, ги повикуваме надлежните институции да ја преземат својата одговорност и да обезбедат ефикасни механизми за заштита, поддршка и еднакви можности за жените Ромки. Веруваме дека без рамноправни, образовани, економски независни и општествено активни жени нема вистински напредок на ромската заедница.
Демократската партија на Ромите ќе продолжи да се бори за општество во кое секоја жена Ромка ќе има можност да живее достоинствено, слободно и без страв. Жените Ромки не треба да бидат на маргините и тие треба да бидат активни носители на промените.

