ДАЛИ Е ОВА КРАЈ НА СТАРАТА ЕРА Македонија оди кон целосна дигитална енергетика
Паметните мрежи и новите технологии во фокус на енергетската транзиција.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска истакна дека дигитализацијата и иновациите се клучни за создавање сигурен, одржлив и конкурентен енергетски систем. Таа зборуваше на настан организиран во соработка со Машинскиот факултет Скопје и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
Божиновска нагласи дека вештачката интелигенција, паметните електроенергетски мрежи и современите технологии имаат централна улога во модернизацијата на енергетскиот сектор и во справувањето со современите предизвици.
„Иднината на енергетиката е дигитална. Само со примена на современи технологии можеме да изградиме поефикасен, поодржлив и посигурен енергетски систем“, порача министерката.
На настанот учествуваа претставници од академската заедница, енергетскиот и ИТ-секторот, институциите, како и млади иноватори, со цел размена на знаења и идеи за забрзување на енергетската транзиција.
Според неа, знаењето, науката и човечкиот капитал се најважниот ресурс за успешна трансформација на македонскиот енергетски сектор.
Таа додаде дека Министерството продолжува со реформи, нови инвестиции и модернизација на енергетската инфраструктура, со цел Македонија да стане енергетски независна и технолошки напредна држава.
„Нашата цел не е само да ги следиме европските трендови, туку да изградиме силна и модерна Македонија која самостојно ја гради својата енергетска иднина и инвестира во нови технологии“, истакна Божиновска.
