КОЈ ГИ ШТИТЕШЕ ВИНОВНИЦИТЕ – Потресни прашања пред институциите во Штип

Семејствата на жртвите маршираа низ Штип барајќи правда за трагедијата во „Пулс“.

КОЈ ГИ ШТИТЕШЕ ВИНОВНИЦИТЕ – Потресни прашања пред институциите во Штип
Фото: Национал

Семејствата на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ одржаа марш низ Штип, барајќи вистина и одговорност за трагедијата.

Од градскиот плоштад „Слобода“ тие порачаа дека низ градот денес чекорат родителите и најблиските на загинатите, носејќи ја најтешката болка, но и решеноста да истраат во барањето правда.

Во рацете држеа фотографии од своите деца и блиски, нагласувајќи дека сакаат јавноста да ги види нивните лица и животите за кои, како што велат, повеќе од една година чекаат одговори.

„Ова не е само марш на тага и барање правда. Ова е марш на љубов, достоинство и истрајност. Чекориме затоа што не прифаќаме молк. Нашите деца заслужуваат вистинска правда. Вистината мора да излезе на виделина, а одговорност мора да има,“ изјави Наталија Таневска, мајка на починатиот Дамјан Таневски од Штип.

Маршот се движеше низ централното градско подрачје, а учесниците поминаа и пред Основниот и Апелациониот суд, како и пред Јавното обвинителство во Штип. Пред СВР Штип се обрати Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунов, кој порача дека семејствата бараат одговорност за секој пропуст, одолговлекување и молк што, според него, придонел за трагедијата.

„Денес стоиме пред МВР Штип за да прашаме: кој кого штитеше и зошто не се постапуваше навреме?“ истакна Наунов.

Според обвинението, Планот за акциска контрола за „Пулс“ не бил навремено одобрен и потпишан, а не биле преземени мерки што можеле да спречат трагичен исход. Семејствата прашуваат зошто се доцнело со постапките и кој ја носи одговорноста.

„Дали мораа да загинат 63 млади луѓе за институциите конечно да реагираат?“ порачаа дел од учесниците.

Тие додаваат дека одговорите допрва треба да излезат на виделина.

Од Здружението на граѓани „16 март 2025“ најавија дека маршевите под името „Марш на ангелите“ ќе продолжат и во Кочани, како и во други градови од каде што потекнуваат жртви од трагедијата.

CATEGORIES
TAGS
Share This