КЕНИЕЦ ГО ОСВОИ СКОПСКИОТ МАРАТОН Дарио Ивановски трет
Дерик Чеге Нјороге триумфира со време 2:12:56, а Кенијците доминираа и на полумаратонот.

Кениецот Дерик Чеге Нјороге е победник на 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон. Тој патеката долга 42,195 километри ја истрча за 2 часа, 12 минути и 56 секунди.
Второто место го освои неговиот сонародник Едвин Кимару Косгеи со време од 2:13:21, додека трет заврши македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, кој маратонот го заврши за 2:13:49.
Кенијците доминираа и на полумаратонот на 21 километар, во машка и женска конкуренција. Кај жените победи Валентајн Џебет со 1:13:16, пред Чарен Чепквони со 1:15:10 и Нанси Гитаига со 1:17:25.
Во машка конкуренција прв беше Кенеди Роно со 1:05:27, втор заврши Киптум Кимаијо со 1:06:12, а трет Џон Куриа со време од 1:07:00.
На трката на 5 километри, кај жените, првите две места им припаднаа на Македонките Ирма Хајдари со 19:43 и Емили Ивановска со 20:54. Третопласирана беше Црногорката Лана Ивковиќ со 21:01.
Кај мажите на 5 километри најбрз беше Македонецот Андреј Арсов со 16:29, пред сонародникот Гилман Јонузи со 16:35. Трет заврши Швеѓанецот Фредрик Ухрборн со 16:44.

