КАДЕ ИСЧЕЗНА МИЦКОСКИ ЕДНА НЕДЕЛА Премиерот конечно откри што правел во Белгија
Премиерот објасни дека четири дена престојувал во Бриж, а три во Брисел, каде покрај семејната „научнообразовна екскурзија“ имал и средби со инвеститори.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска откри повеќе детали за своето еднонеделно отсуство од земјава, посочувајќи дека дел од времето го поминал во Белгија во рамки на традицијата што ја има со својот син – еднаш годишно да посетат европски град и преку патувањето да се запознаат со неговата историја и култура.
Мицкоски објасни дека четири дена престојувал во Бриж, а три дена во Брисел. Според него, престојот во Брисел го искористил и за работни активности, при што остварил средби со инвеститори за кои очекува наесен да донесат три инвестиции во Македонија.
„Таму посетуваме значајни места, разговараме и ја изучуваме историјата на таа држава. Еднаш бевме во Прага, еднаш во Будимпешта. Посетата во Будимпешта ја искористивме да го гледаме натпреварот меѓу Португалија и Унгарија, бидејќи на помалиот син Роналдо му е омилен фудбалер. Потоа, еднаш бевме во Виена“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека годинава патувањето било одложено поради неговите обврски во текот на пролетта.
„Оваа година немавме можност затоа што јас сум виновен, оваа пролет некако јас немав можност да појдам. Јас не сум љубител на големи годишни одмори со солена вода, со песочни плажи и си рековме екскурзијата да ја прошириме и тоа да биде научнообразовна екскурзија во Белгија“, изјави премиерот.

