БУЧКОВСКИ ДА КАЖЕ И ШТО СКРИ ПОКРАЈ „СПАСУВАЊЕТО“ НА МАКЕДОНИЈА Единствена Македонија отвори прашања за тајните средби и Карпалак
Од партијата го повикаа поранешниот министер за одбрана да одговори за контактите со Штабот на Ахмети, информациите пред Карпалак и средбите во Гостивар во текот на воената 2001 година.

Јавноста вчера слушна некакво мрморење од Владо Бучковски на трибината организирана од ДУИ по повод 25 години од Рамковниот договор. Бучковски зборуваше за улогата на меѓународната заедница и СДСМ, претставувајќи го влегувањето во широка влада во 2001 година како чин со кој, наводно, била „спасена“ Македонија.
Единствена Македонија го повикува Бучковски да го каже и вториот дел од приказната – делот во кој, како тогашен министер за одбрана и висок функционер на СДСМ, беше директен учесник во политичките сценарија и предавства во воената 2001.
Бучковски треба да одговори како министер за одбрана воспоставил директна комуникација со Штабот на Ахмети, во време кога на теренот се водеа вооружени борби и кога македонски бранители гинеа во заседи.
Треба да одговори и зошто, откако преку МВР, согласно правилата за соработка меѓу безбедносните служби, до надлежниот Сектор за безбедност и разузнавање при Министерството за одбрана биле доставени информации за понатамошно постапување, не презел соодветни мерки. Особено ако се има предвид дека, според овие наводи, информации поврзани со случувањата кај Карпалак биле достапни околу 40 дена пред трагедијата.
Бучковски треба да објасни и што се случувало во еден град во западниот дел на Македонија во периодот кога на теренот се водела војна. Според информациите со кои располага Единствена Македонија, во стан во сопственост на КРЦ – Контраразузнавачкиот центар на Министерството за одбрана, со кое тогаш раководел Бучковски на неколку наврати се одржувале тајни средби на одбрани оперативни тимови на СДСМ и ОНА а на теренот се води војна.
Затоа, покрај тезата за опасноста од поделба на земјата во 2001 година, за која денес зборува Бучковски, постои и прашањето за политичките сценарија.
Единствена Македонија смета дека македонската јавност заслужува да го слушне и тој дел од приказната. Наместо денес да се претставуваат како спасители на државата, тогашните носители на највисоките политички и безбедносни функции треба да одговорат за своите постапки и одлуки во 2001 година.
Според ставот на Единствена Македонија, ОНА не претставуваше сила со која македонската држава не можеше да се справи, но политичките сценарија и предавства во тоа време не дозволија кризата да биде решена на начин што ќе го зачува достоинството и интересите на Македонија.
Наместо еднострана интерпретација на 2001 година, Бучковски треба да ја каже целата вистина – и за она што го нарекува „спасување“ на Македонија, но и за сопствената улога во процесите поради кои, според Единствена Македонија, државата излезе од војната посрамотена и понижена.

