ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК ЈА ПОДЕЛИ ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА – СДСМ и ДУИ гледаат катастрофа, МНР се пофали со успеси

Околу 20 од 33 поглавја се без или со ограничен напредок, но Европската комисија нотира и добри резултати во надворешната политика.

ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕК ЈА ПОДЕЛИ ПОЛИТИЧКАТА СЦЕНА – СДСМ и ДУИ гледаат катастрофа, МНР се пофали со успеси
Фото: Принтскрин

Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија повторно предизвика политички судир меѓу власта и опозицијата. Додека СДСМ го оцени како потврда за лошото владеење на актуелната власт, од Министерството за надворешни работи ги истакнаа позитивните оценки за надворешната, безбедносната и одбранбената политика на државата. Критики пристигнаа и од албанскиот опозициски блок, предводен од ДУИ.

Од СДСМ оценуваат дека извештајот е доказ за сериозно назадување на реформските процеси. Особено ги потенцираат слабите оценки во правосудството, политичкото влијание врз институциите и, како што велат, лошото менаџирање на евроинтегративните процеси.

Од Министерството за надворешни работи, пак, ги истакнаа позитивните оценки на Европската комисија во Поглавјето 31 – Заедничка надворешна, безбедносна и одбранбена политика, каде што е констатирано добро ниво на подготвеност и добар напредок.

„Особено се истакнува задржаната целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со изјавите на високиот претставник во име на ЕУ и одлуките на Советот за рестриктивни мерки“, наведуваат од МНР.

Според Министерството, Европската комисија оценува дека ваквата усогласеност испраќа силен сигнал за стратешкиот избор на државата за членство во Унијата и ја потврдува како доверлив партнер. Позитивно ниво на подготвеност е констатирано и во Поглавјето 30 – Надворешни односи, каде што се нотирани тесното усогласување со трговската политика на ЕУ и активното учество во регионалната економска соработка.

Критики за извештајот пристигнаа и од Демократската унија за интеграција. Од партијата преку социјалните мрежи оценија дека извештајот за 2026 година е една од најзагрижувачките оценки за Македонија во последните години. Од ДУИ тврдат дека земјата го губи реформското темпо и сè повеќе се оддалечува од европската перспектива. Особено ги издвојуваат забелешките за имплементацијата на албанскиот јазик и принципот на фер и соодветна застапеност.

„Северна Македонија губи европско време, додека Албанците повторно се соочуваат со предизвик на правата што се сметаат за гарантирани“, наведуваат од ДУИ.

Во извештајот на Европската комисија, презентиран вчера, повторно се посочува и отсуството на уставните измени, како и потребата од спроведување на договорите за добрососедство. Забелешки има и во однос на Преспанскиот договор, особено поради јавните настапи на одредени политичари во кои не се користи целосното име на државата.

Генералната оценка покажува дека околу 20 од вкупно 33 поглавја се без напредок или со ограничен напредок. Позитивни оценки се забележани во делот на реформите поврзани со локалната самоуправа, но Европската комисија предупредува и на забавување на законодавната активност.

БРИСЕЛ ПОВТОРНО ЈА ПОТСЕТИ МАКЕДОНИЈА Уставни измени, експертската комисија и договорите со Бугарија и Грција се клучни

CATEGORIES
Share This