БРИСЕЛ ПОВТОРНО ЈА ПОТСЕТИ МАКЕДОНИЈА Уставни измени, експертската комисија и договорите со Бугарија и Грција се клучни
Европската комисија повторно ги става уставните измени, Договорот со Бугарија и неговиот Протокол во фокусот, бара спроведување на Преспанскиот договор, а истовремено предупредува на корупција, политички притисоци врз судството и недостиг од медиумски слободи.

Европската комисија повторно ги нотира уставните измени, спроведувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и неговиот Протокол, како и почитувањето на Преспанскиот договор како значајни прашања во евроинтегративниот процес на Македонија. Во најновиот извештај за напредокот на земјата, покрај забелешките за недостигот од напредок во овие области, Брисел предупредува и на широко распространета корупција, нарушена независност на правосудството и недоволни резултати во медиумските слободи.
Според наодите од извештајот, нема обиди за усвојување на уставните измени предвидени во заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година. Европската комисија потсетува дека земјата презела обврска да ги започне и спроведе овие промени со цел во Уставот да бидат вклучени граѓаните кои се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите.
Особено внимание во документот е посветено на односите со Бугарија и Грција, при што Брисел нагласува дека спроведувањето на билатералните договори во добра волја останува од суштинско значење.
Во делот посветен на состојбата на пристапните преговори, Европската комисија експлицитно наведува:
„Не беа направени обиди за усвојување на релевантните уставни измени наведени во Заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година.“
Брисел потсетува дека Македонија се обврзала да ги започне и спроведе овие измени, со кои во Уставот треба да бидат вклучени граѓаните кои живеат во државата и се дел од други народи, меѓу кои и Бугарите.
Во делот за добрососедските односи, Комисијата наведува дека постигнувањето опипливи резултати и спроведувањето во добра волја на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, заедно со неговиот Протокол, остануваат од суштинско значење. Дополнително, се бараат значителни напори за подобрување на атмосферата на дијалог и меѓусебно почитување.
Една од конкретните забелешки се однесува на работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Според извештајот, Комисијата одржала четири состаноци во периодот од септември 2025 до март 2026 година, но без да постигне опипливи резултати. Овој податок повторно го става во фокус прашањето за историските и образовните теми во билатералните односи, кои со години се дел од спорот меѓу Скопје и Софија.
Европската комисија се осврнува и на спроведувањето на Преспанскиот договор со Грција, наведувајќи дека неговото спроведување во добра волја останува од суштинско значење. Во извештајот се забележува дека членови на Владата и високи функционери во одредени случаи го игнорираат договорот, вклучително и преку некористење на уставното име на државата. Според Комисијата, ваквото постапување може да влијае врз добрососедските односи со Грција.
Покрај политичките и билатералните прашања, сериозни забелешки се упатени и за владеењето на правото. Европската комисија оценува дека Македонија не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата, која и понатаму останува широко распространета и претставува сериозна причина за загриженост.
Посебно се издвојуваат измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, кои се однесуваат на кривичните дела злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување. Според оценката во извештајот, тие не ги отстраниле соодветно негативните последици од измените од 2023 година и придонеле за правна несигурност.
Потсетување дека измените од септември 2023 година ги намалија казните за одредени кривични дела, што придонесе за застарување на повеќе предмети против поранешни функционери.
Во извештајот се нотираат и одложувања на судските постапки и застарувања на предмети поврзани со корупцијата. Меѓу препораките се донесување нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка, подобрување на резултатите во гонењето на високата корупција и обезбедување доволно финансиски и човечки ресурси за Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Севкупната независност и финансиската автономија на правосудството се нарушени поради постојаното мешање од страна на другите гранки на власта, како и поради драстичниот недостиг на финансиски и човечки ресурси“, се наведува во извештајот.
Една од областите во кои Европската комисија не констатира напредок е и слободата на изразување и слободата на медиумите. Дополнително, се посочува дека политичката поларизација продолжува да го забавува усвојувањето на важни реформски закони, иако демократските институции генерално функционираат стабилно.
Во делот за изборниот процес се наведува дека постои правна и институционална рамка за демократско спроведување избори, но нема напредок во усогласувањето со европските стандарди и спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Како проблем се издвојуваат и изборните дезинформации и странските манипулации со информации, кои остануваат недоволно адресирани.
Како позитивен аспект, Европската комисија очекува да ја потврди целосната усогласеност на Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија. Во оваа оценка е вклучен и ставот на земјата кон руската агресија врз Украина, што според Брисел претставува потврда за стратешката определба за членство во ЕУ и за улогата на Македонија како доверлив партнер.
Годишниот извештај е дел од пакетот за проширување на Европската комисија, во кој се оценува напредокот на земјите кандидати за членство.

