ДОБРИ ВЕСТИ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА АЛТА БАНКА 556 пензионери ги подигнаа парите, од утре започнува и исплатата на социјалната помош

Битолската филијала ќе работи во две смени и во сабота, а следната недела се очекува отворање шалтери и во други градови.

ДОБРИ ВЕСТИ ЗА КЛИЕНТИТЕ НА АЛТА БАНКА 556 пензионери ги подигнаа парите, од утре започнува и исплатата на социјалната помош
Фото: Принтскрин

Вкупно 556 пензионери кои имаат сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, но не поседуваат платежни картички, денеска успешно ги подигнале своите средства на шалтерите во битолската филијала.

Според информациите од Народната банка, преку СМС-пораки првично биле повикани околу 400 граѓани, но биле услужени и оние кои немале оставено телефонски број за контакт, како и пензионерите кои самостојно дошле да ги подигнат парите. Согласно утврдените ограничувања, пензионерите можеле да повлечат најмногу 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели.

Дополнително, Министерството за социјална политика, демографија и млади ги уплатило средствата наменети за исплата на социјалната помош на сметките во „АЛТА банка“. Со тоа се создадени услови исплатата на социјалната помош да започне од утре, 6 ноември, што ќе овозможи пристап до средствата и на оваа категорија корисници.

Од Народната банка информираат дека филијалата на „АЛТА банка“ во Битола утре ќе работи во две смени, а шалтерите ќе бидат отворени и во сабота, 7 ноември. Во меѓувреме, се подготвува отворање шалтери и во другите градови, што според најавите треба да се реализира во текот на следната недела.

Народната банка продолжува со активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање решенија за постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите. Целта е на пензионерите, корисниците на социјална помош и останатите клиенти да им се овозможи полесен пристап до нивните пари во рамките на утврдените услови.

CATEGORIES
Share This