ИВАНОВ БИЛ ПАРТИСКИ ПИУН Стразбур ја оцени аболицијата на Иванов како удра врз владеење на правото
Европскиот суд за човекови права оцени дека помилувањата од 2016 година биле дадени без валидна правна основа и дека јавните функционери не можат да бидат над законот.

Одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со која беше оценето дека аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов од 2016 година немала законска основа, помина речиси без реакции во јавноста. Во време на општа политичка апатија и разочарување, пресудата не предизвика ниту приближно внимание како што се очекуваше, иако токму оваа одлука се однесува на еден од најконтроверзните моменти во поновата политичка историја на земјата.
Случајот пред Стразбур беше покренат по жалбите на поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, поранешниот министер Миле Јанакиески и поранешниот претседател на изборната комисија на Центар, Коста Митровски.
Аболицијата што Иванов ја донесе во април 2016 година, со која беа опфатени 56 лица со вкупно 107 решенија, предизвика масовни протести познати како „Шарена револуција“ и ја продлабочи политичката и институционалната криза во Македонија. По силниот домашен и меѓународен притисок, Иванов подоцна ја повлече одлуката за помилување.
Овој потег остана запаметен како еден од најоспоруваните моменти од неговиот десетгодишен мандат, а критичарите тогаш го обвинуваа дека дејствувал во интерес на владејачката партија.
Во образложението на пресудата, Европскиот суд за човекови права оцени дека одлуките за помилување биле донесени без валидна правна основа и дека со нив бил нарушен принципот на владеење на правото.
Судот посочи дека случајот претставува судир меѓу принципот на правна сигурност и потребата јавните функционери да одговараат пред законот. Според Стразбур, во конкретниот случај преовладала потребата да се обезбеди еднаквост пред законот и одговорност на носителите на јавни функции.
Европскиот суд нагласи дека тогашниот претседател им доделил помилувања на јавни функционери, меѓу кои и високи членови на неговата политичка партија, без соодветна законска основа.
„Потребата да се одржи одговорноста на јавните службеници и да се осигури дека тие не се над законот ја надмина потребата да се заштити правната сигурност“, се наведува во одлуката.
Судот оцени дека законските измени што следеа во 2016 година биле обид да се воспостави правна рамнотежа и да се овозможи продолжување на постапките против лицата опфатени со аболицијата.
Во однос на забелешките за учеството на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска во советот на Врховниот суд, Стразбур утврди дека жалбата е недозволена, бидејќи странките имале можност навремено да побараат нејзино изземање.
Сепак, Судот утврди повреда на правото на фер судење во однос на Миле Јанакиески и Коста Митровски. Причината била тоа што тие немале целосен пристап до писмените забелешки на обвинителството пред одлуката на Апелацискиот суд.
Според Стразбур, фактот што обвинетите биле присутни на рочиштето не значел дека имале вистинска и целосна можност да одговорат на аргументите на обвинителството. Судот оцени дека товарот бил непропорционално префрлен врз одбраната.
Со оваа одлука, Европскиот суд за човекови права испрати јасна порака дека ниту највисоките државни функции не можат да бидат основа за избегнување на законска одговорност и дека принципот на владеење на правото мора да остане над политичките интереси.


