МАЛТА ГО ЗАМРЗНА ГОРИВОТО Сметката е 75 милиони евра
Дизелот е замрзнат на 1,21 евро, но државната сметка за субвенции за само неколку месеци скокна на 75 милиони евра.

Политиката на Малта за одржување на ниски и фиксни цени на горивата, која се применува од 2020 година, сè поскапо ја чини државата. Додека граѓаните и компаниите плаќаат непроменети цени, владата мора да ја покрива разликата меѓу регулираните и пазарните цени преку буџетски средства.
Според податоците на Европската комисија, просечната цена на дизелот во еврозоната минатата недела изнесувала околу 2,3 евра за литар, додека бензинот чинел околу 2,2 евра. На ниво на Европската Унија, просечната цена била околу 2,2 евра за дизел и 2,1 евро за бензин.
Во Малта, цените се значително пониски. Дизелот од јуни 2020 година е фиксиран на 1,21 евро за литар, а бензинот на 1,34 евро. Тие цени не се менувале и покрај значителните осцилации на светските пазари на нафтени деривати. Разликата ја покрива државата преку субвенции, поради што Малта во моментов има најевтин дизел во Европската Унија.
Малтешкиот министер за финансии Клајд Каруана за „Malta Today“ изјавил дека во мај владата проценувала оти годишниот трошок за субвенционирање на горивата ќе изнесува околу 30 милиони евра. До крајот на август, проценката значително се зголемила – на околу 75 милиони евра за оваа година.
Малтешките власти сега се соочуваат со избор: да продолжат да ја покриваат разликата од државниот буџет или да дозволат зголемување на малопродажните цени на горивата. Каруана предупредил дека, и покрај повисоките трошоци за енергија, земјата мора да го задржи буџетскиот дефицит под три проценти од БДП.
И покрај растот на трошоците за субвенционирање на горивата, Малта во моментов има релативно поволни показатели за јавните финансии. Буџетскиот дефицит минатата година изнесувал 2,2 проценти од БДП, додека јавниот долг бил 46,4 проценти од БДП – значително под границата од 60 проценти предвидена со Мастришките критериуми.
Сепак, доколку владата продолжи долгорочно да ја покрива разликата меѓу фиксните и пазарните цени, трошокот за оваа политика би можел дополнително да го оптовари државниот буџет.

