ИТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД МВР Во понеделник затворени рампи на три гранични премини со Грција
Грчките цариници најавија четиричасовен штрајк, а товарниот сообраќај целосно ќе биде запрен.

Грчките цариници во понеделник излегуваат на протест, поради што се очекува отежнато одвивање на сообраќајот на граничните премини со Северна Македонија. Од Министерството за внатрешни работи ги предупредија граѓаните и превозниците кои планираат да патуваат кон Грција да сметаат на можни застои и ограничувања.
Според известувањето што МВР го добило од грчките надлежни служби, штрајкот е најавен за 27 јули 2026 година, понеделник, и ќе ги опфати граничните премини Евзони – Богородица, Дојрани – Дојран и Ники – Меџитлија.
Блокадата ќе трае четири часа, од 05:00 до 09:00 часот по македонско време, односно од 06:00 до 10:00 часот по грчко време.
Во тој период патничките возила ќе се пропуштаат на секои 10 минути, додека товарниот сообраќај целосно ќе биде запрен, односно камионите и другите товарни возила нема да можат да влезат или да излезат од Грција.
Од МВР информираат дека ќе бидат преземени сите неопходни мерки и ќе бидат ангажирани расположливите човечки и технички капацитети за справување со очекуваната зголемена фреквенција и евентуалните застои.


