ИСТОРИСКИ ПРЕСВРТ ВО БУДИМПЕШТА Шуљок го потпиша сопствениот крај на мандатот
Претседателот Тамаш Шуљок го потпиша амандманот со кој завршува неговиот мандат, а опозицијата обвинува за опасен преседан.

Унгарскиот претседател Тамаш Шуљок го потпиша 17-тиот амандман на Основниот закон, со кој се предвидува завршување на неговиот мандат ден по стапувањето во сила на измените. Во видео обраќање објавено на социјалните мрежи, Шуљок посочи дека нема уставна можност да го упати амандманот до Уставниот суд за суштинска проверка, поради што не може да го оспори усвоениот закон, дури и ако смета дека може да постојат прашања поврзани со уставните принципи. Тој нагласи дека со потпишувањето ја исполнува својата претседателска должност.
„Мојот потпис претставува конечна потврда на моите претседателски обврски и знак на моето целосно почитување на функцијата претседател на државата во сите околности“, изјави Шуљок.
Унгарскиот парламент во понеделникот го изгласа 17-тиот амандман, кој овозможува прекин на мандатот на претседателот. За измените гласаа 139 пратеници, шест беа против, а немаше воздржани. Премиерот Петер Маѓар оцени дека измените се важен чекор кон враќање на уставниот поредок и реформа на државните институции.
Од опозициската Фидес, партијата на поранешниот премиер Виктор Орбан, остро реагираа и го оценија потегот како напад врз претседателската институција.
„Тиранијата пристигна во Унгарија“, порача Фидес.
Тој ја обвини партијата Тиса дека извршила притисок врз Шуљок и го довела во недостоинствена положба. Од партијата предупредија дека случајот може да претставува опасен преседан за иднината на земјата.
Виктор Орбан преку објава на Фејсбук оцени дека со ова е отстранета „последната пречка“.
„Тиранијата повеќе не е закана, туку реалност. Ако ова може да му се направи на претседателот на републиката, тогаш никој повеќе не е безбеден“, напиша Орбан, додавајќи: „Боже, спаси ја Унгарија“.
До изборот на нов претседател, функцијата привремено ќе ја извршува претседателката на парламентот Агнес Форстхофер. Според унгарските правила, парламентот треба да избере нов шеф на државата во рок од 30 дена. Во Унгарија, претседателот нема право на вето врз уставните измени.


