ИРСКА И ИЗРАЕЛ ПРЕД ФУДБАЛСКИ СКАНДАЛ Нема дресови, нема поздрав – тензиите ескалираат

Ирците гласаа дали ќе играат, еден фудбалер одби настап, а реваншот во Србија ќе биде без публика.

ИРСКА И ИЗРАЕЛ ПРЕД ФУДБАЛСКИ СКАНДАЛ Нема дресови, нема поздрав – тензиите ескалираат
Фото: Принтскрин

Фудбалските репрезентации на Ирска и Израел ќе ги одиграат двата најавени натпревари во Лигата на нации, и покрај зголемените тензии околу дуелите и информациите дека ирските репрезентативци размислувале за бојкот.

Првиот натпревар ќе се одигра утре, 27 септември, во Дебрецен, Унгарија, со почеток во 20:45 часот. Одлуката Ирска да настапи била донесена по гласање меѓу репрезентативците. Селекторот Хајмир Халгримсон потврди дека мнозинството било за одигрување на натпреварот, додека голманот Гевин Базуну одлучил да не настапи и нема да биде во составот.

Темата предизвика големо внимание поради војната во Газа и ставовите на дел од ирските репрезентативци. Халгримсон претходно изјави дека никој во тимот не се чувствува удобно поради ситуацијата околу натпреварот.

„Никој не се чувствува удобно да игра на вакви натпревари поради многу причини. Во моментов се обидуваме да се справиме со ситуацијата на најдобар можен начин“, изјави ирскиот селектор.

Халгримсон беше прашан и за својата претходна изјава во која случувањата во Газа ги опиша со терминот „геноцид“. Тој потоа призна дека употребил премногу силен збор.

„Тоа е силен збор и беше погрешниот збор што го употребив. Во Европа постои голема поддршка, а во Ирска поддршката за Палестина е особено изразена. Чувствував како притисокот да расте со секој изминат ден и сега речиси ја достигна критичната точка“, рече Халгримсон.

Тој нагласи дека настапот на Ирска против Израел не треба да се толкува како поддршка за случувањата во Газа.

„Тоа што ќе играме не значи дека го прифаќаме она што се случува во Газа. Тоа што фудбалерите ќе играат не значи дека го поддржуваат она што се случува таму“, додаде ирскиот селектор.

Нема размена на дресови по натпреварите

Според „Индипендент“, по меѓусебните натпревари фудбалерите на Ирска и Израел нема да ги разменуваат дресовите. Се очекува и селекторите на двете репрезентации да не се поздрават по завршувањето на натпреварите, што дополнително ја илустрира затегнатата атмосфера околу дуелите.

Ирските репрезентативци на првиот натпревар ќе носат црни ленти на рацете. Дополнително, приходите од домашниот натпревар на Ирска против Австрија на 1 октомври ќе бидат донирани во хуманитарни цели.

Вториот натпревар во Србија, без публика

Вториот натпревар меѓу Ирска и Израел ќе се одигра на 4 октомври во Бачка Топола, Србија. Иако Ирска формално ќе биде домаќин, натпреварот нема да се игра на ирска територија.

Ирската фудбалска федерација ја донела одлуката поради стравувањата од можни безбедносни проблеми и реакции од навивачите. Средбата во Бачка Топола ќе се игра без присуство на публика.

РТЕ со минимално медиумско покривање

Ирската јавна телевизија РТЕ најави ограничено покривање на двата натпревари. Ќе има директен пренос, но без вообичаена студиска програма и дополнителни анализи пред и по натпреварот.

Двата дуела се играат во рамките на групата 3 во дивизијата Б од Лигата на нации, во период кога политичките и безбедносните прашања околу натпреварите се во центарот на вниманието.

CATEGORIES
Share This