ИРАН СО ТРЕТО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО БУГАРИЈА Ќе сносите одговорност за вашите постапки
Техеран тврди дека одлуката на Софија е дел од поддршката за американските воени операции против Иран.

Иран испрати ново, трето предупредување до Бугарија по одлуката на бугарските власти да им дозволат на американски авиони за полнење гориво да ги користат воените бази во земјата. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, во објава на социјалните мрежи порача дека лицата кои ја донеле одлуката „мора да сносат одговорност за опасниот потег“ со кој, според Техеран, се обезбедува поддршка за американските воени операции.
Багеи оцени дека станува збор за одлука која не е изолиран случај, туку дел од пошироката поддршка на Бугарија за Соединетите Американски Држави и нивните активности насочени кон Иран.
„Бугарскиот народ добро знае дека иранскиот народ никогаш немал проблем со Бугарија. Со децении, односите меѓу двата народа се темелат на меѓусебно почитување“, порача иранскиот функционер.
Предупредувањето следува неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно му се заблагодари на бугарскиот премиер Румен Радев за одлуката на бугарскиот парламент да им овозможи на американските авиони за полнење гориво пристап до воените бази во земјата.
Бугарскиот министер за одбрана Димитар Стојанов, во изјава за телевизијата БТВ, рече дека не е загрижен поради можноста Иран да изврши ракетен напад врз Бугарија, иако призна дека „сè е можно“. Во однос на стравувањата од потенцијални терористички напади, Стојанов оцени дека ризикот во моментов е помал во споредба со периодот кога американските воени авиони биле стационирани на цивилен аеродром.


