ИНСТРУМЕНТОТ ШТО СЕ СВИРИ БЕЗ ДОПИР ПРИСТИГНУВА ВО СКОПЈЕ Лабараториум отвора бесплатни работилници
Младите ќе имаат бесплатна можност да го запознаат тереминот – првиот електронски музички инструмент во историјата, преку работилници во ЛАБОРАТОРИУМ од 19 август до 2 септември.

Културниот и едукативен центар ЛАБОРАТОРИУМ го започнува проектот „ЛИФТ“, нова иницијатива посветена на развојот на младата публика и поддршка на независната музичка сцена преку едукативни, креативни и интерактивни програми.
Првата активност во рамките на проектот ќе бидат бесплатни музички работилници посветени на тереминот – првиот електронски музички инструмент во историјата и еден од најнеобичните инструменти во светот.
Создаден пред повеќе од 100 години, тереминот е уникатен бидејќи се свири без никаков физички допир. Звуците се создаваат преку движењето на рацете во електромагнетното поле на инструментот, што го прави особено интересен за музичари, уметници и сите оние кои сакаат да истражуваат нови звучни можности.
Работилниците ќе се одржат од 19 август до 2 септември во просториите на ЛАБОРАТОРИУМ, а учесниците ќе имаат можност да се запознаат со основите на свирењето на теремин, неговите технички карактеристики и креативниот потенцијал.
Обуката ќе ја води Ива Дамјановски, пијанистка, композиторка и музиколог. Таа е магистер по музикологија на Универзитетот во Тренто, Италија, како и по музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје. Дамјановски е членка на музичкиот состав Алембик, авторка на музика за филм, театар и мултимедијални проекти, а зад себе има и повеќе научни трудови и поетски изданија.
Целта на проектот „ЛИФТ“ е да им овозможи на младите директен контакт со независната музичка сцена преку едукација, практична работа и експериментирање со нови музички форми. Во рамките на иницијативата ќе бидат организирани работилници, презентации и концерти со цел создавање простор за откривање нови инструменти и современи начини на музичко изразување.
Организаторите ги повикуваат младите креативци, музички ентузијасти и сите љубопитни истражувачи да се пријават за учество. Претходно музичко образование не е задолжително – доволни се желбата за учење, интересот и љубопитноста.
Учеството е бесплатно, но бројот на места е ограничен. Пријавувањето е отворено до 15 август 2026 година, а учесниците ќе бидат избрани по принципот „прв пријавен – прв услужен“.
Проектот „ЛИФТ“ е иницијатива на ЛАБОРАТОРИУМ, поддржана од Општина Центар.

