ИМПРОВИЗАЦИИ И РЕДИЦИ – Грчките полицајци од Кукуш алармираат за катастрофа на границите

Новиот ЕЕС систем предизвикува застои и километарски колони на граничните премини.

ИМПРОВИЗАЦИИ И РЕДИЦИ – Грчките полицајци од Кукуш алармираат за катастрофа на границите
Фото: Национал

Унијата на полициски службеници од Кукуш реагира дека воведувањето на новиот европски систем за влез/излез (ЕЕС) на граничните премини довело до сериозни застои, долги колони и зголемено незадоволство кај патниците.

Од синдикатот наведуваат дека на премините, меѓу кои и Евзони кон Северна Македонија, се создаваат „непријатни сцени“ со долги чекања и отежнат проток на луѓе, при што најголемиот притисок го чувствуваат полициските службеници.

Тие посочуваат дека иако системот бил најавуван подолго време, не биле направени доволни подготовки во инфраструктурата, ниту пак е унапредена комуникациската и интернет-опрема на граничните точки.

„Сето ова резултира со импровизација, гужви и незадоволство кај граѓаните, додека полицајците повторно се наоѓаат на првата линија на критики“, велат од Унијата.

Тие додаваат дека тензиите на терен дополнително растат.

Тие бараат итно кадровско и техничко зајакнување на граничните премини, особено пред туристичката сезона, кога се очекува значително зголемување на сообраќајот.

ЕЕС системот, кој неодамна почна целосно да се применува на надворешните граници на Европската Унија, предвидува електронска регистрација на влез и излез на државјани од трети земји, вклучувајќи биометриски податоци како отпечатоци од прсти и фотографија.

CATEGORIES
Share This