ХРВАТСКА ВРАБОТУВА ИЛЈАДНИЦИ МАКЕДОНЦИ, ГРЦИЈА ОЧАЈНО БАРА РАБОТНИЦИ Недостигот на кадар го менува регионот
Недостигот на работна сила расте, а хрватските компании сè повеќе се потпираат на странски работници – најмногу во туризмот, угостителството и градежништвото.

Додека Хрватска продолжува да привлекува илјадници странски работници поради недостигот на домашна работна сила, и Грција се соочува со сериозен проблем со пополнување на работните места. Во двата случаи, побарувачката за работници останува висока, а подобрите услови за работа и повисоките плати ги прават овие пазари сè поатрактивни за граѓаните од регионот, меѓу кои и за македонските државјани.
Во Хрватска годинава работат 6.849 македонски државјани, покажуваат податоците за издадените дозволи за престој и работа за странски државјани. Македонците се дел од десетиците илјади работници од трети земји кои во последните години го пополнуваат недостигот од работна сила на хрватскиот пазар.
Само во првите пет месеци од 2026 година, хрватските власти издале 80.780 дозволи за престој и работа. Најголем број од нив се издадени за државјани на Босна и Херцеговина, Србија, Филипини, Непал, Индија, Узбекистан и Косово. Странските работници најчесто се вработуваат во туризмот, угостителството и градежништвото, каде што недостигот на кадар е најизразен. Значителен број се ангажирани и во индустријата, транспортот, логистиката и трговијата.
Од Хрватската стопанска комора оценуваат дека интересот за работа во земјата е поттикнат од повисоките плати, подобрите услови за работа и континуираната побарувачка за работници. Поради недостигот на домашен кадар, особено во сезонските дејности, компаниите и натаму се потпираат на странска работна сила.
Во меѓувреме, и Грција се соочува со сè поголем недостиг на работници. Според најновата анализа на Центарот за планирање и економски истражувања (KEPE), на крајот на минатата година во земјата имало повеќе од 31.000 непополнети работни места. Најголемиот недостиг е забележан во образованието, каде што недостигаат околу 6.870 работници, а сериозни потреби има и во здравството, социјалната заштита, преработувачката индустрија, како и во трговијата на големо и мало. Во споредба со претходната година, бројот на слободни работни места е зголемен за околу 2.700, што, според KEPE, укажува на натамошен раст на побарувачката за работна сила.
Истовремено, Грција бележи намалување на расположливата работна сила. Бројот на жители е намален за 12.700 лица, а најголемиот дел од падот се должи на иселувањето на странски државјани. Во текот на изминатата година бројот на странски работници е намален за 74.400 лица и сега изнесува околу 97.500, додека бројот на легално вработени странци е намален за 37 проценти. Сепак, вкупната вработеност во Грција бележи раст благодарение на домашната работна сила. Бројот на вработени грчки државјани е зголемен за 126.600 лица, со што е надоместен голем дел од недостигот предизвикан од заминувањето на странските работници.
Податоците од Хрватска и Грција покажуваат дека недостигот на работна сила останува еден од најголемите предизвици на пазарот на трудот во регионот, додека можностите за вработување на странски работници, вклучително и на македонските државјани, продолжуваат да се зголемуваат.


