ХАОС СО ДИГИТАЛНИТЕ СТУДЕНТСКИ ПАСОВИ – ЈСП открива зошто се блокираат и ја отфрла одговорноста

Погрешни адреси на е-пошта, инсталирање на два уреда и паралелно користење картички – од ЈСП велат дека бесплатниот студентски превоз не е укинат.

ХАОС СО ДИГИТАЛНИТЕ СТУДЕНТСКИ ПАСОВИ – ЈСП открива зошто се блокираат и ја отфрла одговорноста
Фото: Национал

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ја отфрла одговорноста за сите пријавени проблеми со дигиталните студентски пасови, оценувајќи дека причините мора да се утврдуваат поединечно, врз основа на проверени информации.

Од ЈСП нагласуваат дека преминувањето на дигитален пас не значи укинување на правото на бесплатен студентски превоз, туку промена на начинот на негово користење.

Во соопштението претпријатието посочува дека постапува исклучиво врз основа на официјални списоци доставени од овластени лица на УКИМ, Универзитетот „Мајка Тереза“ и останатите универзитети и факултети. Потврдувањето на студентскиот статус и точноста на податоците, како што наведуваат, се одговорност на образовните институции.

Од спроведените проверки биле утврдени неколку проблеми кои доведуваат до блокирање на дигиталните пасови: погрешно внесени адреси на е-пошта, обиди истиот пас да се инсталира на два уреда, како и паралелно користење дигитален пас и електронска картичка.

Од ЈСП објаснуваат дека блокирањето на старите картички е дел од мерките за спречување двојно користење и евентуални злоупотреби.

Претпријатието реагира и на обвинувањата за одговорност, посочувајќи дека бројот на пријави не е доволен доказ за причините за проблемите ниту за тоа кој е одговорен за нив.

ЈСП најавува дека останува отворено за решавање на потешкотиите во соработка со факултетите и очекува „Студентарија“ целосно да ги пренесе нивните појаснувања.

CATEGORIES
Share This