ИСТОРИЈАТА НА ИСТОРИЧАРИТЕ, ПОЛИТИКАТА КОН ЕУ Сакскобурготски со порака по средбата со Мицкоски – Македонија во ЕУ
Поранешниот бугарски премиер смета дека политичарите треба да се фокусираат на практичната соработка и добрососедските односи, наместо да се занимаваат со историските прашања.

Поранешниот бугарски премиер и наследник на бугарскиот царски престол, Симеон Сакскобурготски, смета дека историските прашања во македонско-бугарските односи треба да им се препуштат на историчарите, додека политичарите треба да се фокусираат на добрососедството, практичната соработка и европската интеграција на Македонија.
Оваа порака Сакскобурготски ја упатил во Брисел, каде што претходно откри дека случајно се сретнал со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
„Вчера случајно се сретнав со премиерот и ми беше многу драго. Мислам дека дијалогот во секој поглед е позитивен. Добрососедските односи се само во корист на сите. Треба да вложуваме напори. Пак ќе кажам нешто можеби политички некоректно. Сметам дека многу теми би требало да ги следат и разгледуваат историчарите, а ние да гледаме напред, кон практичното и кон влегувањето на Северна Македонија во ЕУ“ изјавил Сакскобурготски.
Неговата изјава доаѓа во време на продолжени несогласувања меѓу Скопје и Софија околу историските прашања и условите што Бугарија ги поставува за напредокот на македонските евроинтеграции. Сакскобурготски беше премиер на Бугарија од 2001 до 2005 година, период во кој земјата ги заврши подготовките за членство во ЕУ и стана полноправна членка на Унијата во 2007 година.

