ГРЧКАТА ПОЛИЦИЈА ОТКРИ КОЈ ЈА РАЗБИ ИРАНСКАТА ЌЕЛИЈА Главната улога ја имале македонските служби
Грчката полиција потврди дека безбедносните служби на Македонија имале клучна улога во спречувањето на планираниот напад на грчка територија.

Главниот товар во истрагата за разбивање на иранската криминално-терористичка мрежа, која подготвувала напад на грчка територија, го понеле безбедносните служби на Македонија. Ова го потврди портпаролката на грчката полиција, Константина Димоглиду, во изјава за грчката државна телевизија ЕРТ.
Димоглиду нагласи дека случајот уште еднаш ја потврдува важноста на меѓународната разузнавачка соработка, посочувајќи дека од грчка страна во операцијата била вклучена исклучиво Националната разузнавачка служба (ЕИП).
Според неа, преку координација со странските партнери било овозможено навремено спречување на незаконска активност на грчка територија.
Таа посочи дека официјалните информации објавени од Скопје јасно го опишуваат дејствувањето на групата и укажуваат дека потенцијалната цел се наоѓала во Грција. Сепак, сè уште не е утврдено дали станувало збор за планиран атентат врз конкретно лице или за поширок терористички напад.
Посебно внимание во истрагата привлекува и 30-годишниот македонски државјанин, кој бил уапсен во Грција, а потоа депортиран во Македонија. Според објаснувањето на портпаролката на грчката полиција, тој бил откриен од граничната полиција на североисточната граница со Турција, при обид да ја напушти Грција.
Полициските службеници утврдиле дека против него постои забрана за престој во Грција и во други држави, по што бил лишен од слобода и во првите денови од ноември депортиран во Македонија. Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на свои извори, објави дека станува збор за лице кое претходно било прогласено за непожелно од аспект на националната безбедност. Кон крајот на октомври, тој наводно се обидел со автомобил со македонски регистарски таблички да ја премине копнената граница со Турција кај Еврос.
Разбивањето на иранската ќелија веќе втор ден е една од водечките теми во грчките медиуми, кои објавуваат различни неофицијални сценарија за можната мета на нападот. Меѓу најчесто споменуваните верзии се грчки бизнисмен со еврејско потекло, израелски државјанин на висока позиција во голема компанија во Грција или лице директно поврзано со израелски интереси.
Според шпекулациите на грчките новинари, планираната ликвидација требало да биде изведена така што на прв поглед би изгледала како обично криминално пресметување, со што би се прикрила евентуалната поврзаност со иранските разузнавачки структури.
Истрагата продолжува, а клучните прашања остануваат: кој бил вистинскиот таргет, каква била улогата на осомничените и колку длабоко се протегала мрежата која, според грчките власти, била разбиена со клучна помош од македонските безбедносни служби.

