ГРУЕВСКИ БАРА ИСТРАГА – Време е да се открие целата вистина

Спорни судски процеси и прашања околу доказите во постапките против него.

ГРУЕВСКИ БАРА ИСТРАГА – Време е да се открие целата вистина
Фото: Принтскрин

Поранешниот премиер Никола Груевски преку социјалната мрежа фејсбук упати критики до министерот за правда, обвинувајќи дека институциите пристапуваат селективно кон правдата и дека не се отвораат прашањата поврзани со, како што ги нарекува, политички мотивирани процеси од минатото.

Во својата реакција, тој наведува дека го следел обраќањето на министерот, во кое се зборувало за прибирање информации од судовите и за постапките поврзани со неговиот статус во странство и можната екстрадиција. Според него, ваквиот фокус отвора дилеми околу тоа како се водат политичките процеси во државата.

Тој оценува дека Министерството за правда не треба да се концентрира само на неговиот случај, туку подеднакво да ги разгледа и, како што тврди, злоупотребите во судските постапки за време на претходната власт. Притоа наведува дека тогаш имало политички притисоци, монтирани случаи и влијанија врз судии, обвинители и сведоци.

Во своите тврдења, посочува на наводни притисоци врз обвинети лица и нивни бранители, како и постоење списоци за процесуирање на одредени лица. Според него, дел од сведоците биле изложени на закани и уцени, а некои адвокати се повлекле поради притисоци.

Тој се осврнува и на судските предмети против него, тврдејќи дека се базирале на недоволни докази и погрешни претпоставки. Како пример ги наведува случаите поврзани со службено возило, недвижности и други обвиненија, за кои вели дека не постои доказ за лична корист или вмешаност.

Дополнително, наведува дека во одредени постапки не биле прифатени сведоци предложени од одбраната, што, според него, го доведува во прашање правото на фер судење.

Во реакцијата го повикува министерот да ги преиспита и наводите за влијание врз судството и можни притисоци при носење судски одлуки, нагласувајќи дека е потребно да се земе предвид поширокиот контекст.

Исто така, смета дека меѓународната јавност често формира ставови врз основа на судски пресуди без целосен увид во деталите на случаите, поради што, според него, домашните институции имаат обврска појасно да ги објаснат околностите.

Тој упатува критики и кон поранешниот премиер Зоран Заев, обвинувајќи го за, како што наведува, системски злоупотреби на правосудниот систем

На крајот, порачува дека очекува институциите да постапуваат професионално и во согласност со законите, со цел, како што вели, да се утврди целосната вистина за настаните од тој период.

СЕ БЛИЖИ КРАЈОТ НА АЗИЛОТ НА ГРУЕВСКИ – Кривичниот суд ја заврши клучната документација, што следува

CATEGORIES
Share This