46 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ТИТО – Од борец до легенда што ја водеше Југославија
На 4 мај 1980 година почина Јосип Броз Тито во Љубљана, лидер кој ја водеше Југославија повеќе од три децении.

На денешен ден, пред 46 години, на 4 мај 1980 година, во Љубљана почина Јосип Броз Тито (1892-1980), доживотен претседател на поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија.
Тито беше клучна историска фигура во 20 век на овие простори. Во текот на Втората светска војна, од 1941 до 1945 година, тој ја предводеше партизанската борба против окупаторот, а по војната стана долгогодишен лидер на Комунистичката партија на Југославија и врховен командант на вооружените сили.
Еден од неговите најзначајни надворешнополитички потези беше учеството во основањето на Движењето на неврзаните, со кое се обединија држави што не припаѓаа ниту на западниот ниту на источниот блок во периодот на Студената војна.
Неговата улога и наследство и денес предизвикуваат поделени мислења. За дел од јавноста, Тито претставува симбол на стабилност, социјална сигурност и меѓународен углед на Југославија, додека други го гледаат како авторитарен лидер со силна политичка контрола и нетолеранција кон политичките противници.
По неговата смрт во Клиничкиот центар во Љубљана, Тито беше погребан во Белград, во Куќата на цвеќето на Дедиње. Неговиот погреб се смета за еден од најголемите државни настани во 20 век, на кој присуствуваа 700.000 луѓе, меѓу кои 209 државни и партиски делегации од 180 земји од светот, кои се поклонија пред неговиот гроб.
И по повеќе од четири децении од неговата смрт, неговиот гроб сè уште го посетуваат бројни граѓани од поранешните југословенски простори.
