ГРУБИ СПАСЕН ОД 5 ГОДИНИ ЗАТВОР Обвинението открива голем пресврт во случајот „Државна лотарија“

Од 10 на најмногу 5 години затвор - што значи преквалификацијата на делото за кое ќе му се суди на поранешниот вицепремиер?

ГРУБИ СПАСЕН ОД 5 ГОДИНИ ЗАТВОР Обвинението открива голем пресврт во случајот „Државна лотарија“
Фото: Принтскрин

Делото за кое поранешниот вицепремиер Артан Груби беше истражуван во случајот со „Државна лотарија“ не е исто со делото за кое сега ќе одговара пред судот. Тоа произлегува од обвинението што вчера го објави Основното јавно обвинителство.

Имено, злоупотребите за кои се товареше Груби сега се преквалификувани во кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ според член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик. За ова дело е предвидена затворска казна до пет години, што теоретски остава простор и за условна осуда.

Станува збор за членот 353 од Кривичниот законик, кој беше изменет во 2023 година со контроверзните измени што ги предложија и ги донесоа СДСМ и ДУИ, со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, чии пратеници обезбедија кворум за седницата.

Бидејќи во македонското кривично право важи уставното и законското начело според кое се применува поблагиот закон за сторителот, за Груби ќе важат измените што предвидуваат поповолна казна за обвинетите функционери за злоупотреби и корупција.

Тоа е значително поблага квалификација од онаа со која Груби беше опфатен во текот на истрагата. Додека траеше истрагата и додека тој беше во бегство, Обвинителството го товареше за кривично дело „проневера во службата“ според член 354 од Кривичниот законик, за кое беа предвидени затворски казни до 10 години.

Со преквалификацијата, така, максималната можна затворска казна е намалена за пет години.

Почетокот на главната расправа е закажан за 24 август во 10 часот, а предметот ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовеска. Адвокатот на Груби, Гоце Ристески, изјави дека обвинението сè уште не го примиле и дека немаат право на приговор.

Скопското обвинителство, пред да истече рокот за куќниот притвор на Груби, соопшти дека е поднесено обвинение против него и уште седум лица. Тие се сомничат дека со одлуката за набавка на видеолотариски терминали го оштетиле државниот буџет за околу 8,2 милиони евра.

CATEGORIES
Share This