ГОЛЕМА РЕГУЛАТИВНА РЕВОЛУЦИЈА Во игра нови закони за возила, оружје и судството

Реформи во повеќе сектори: од енергетика до безбедност и правосудство.

ГОЛЕМА РЕГУЛАТИВНА РЕВОЛУЦИЈА Во игра нови закони за возила, оружје и судството
Фото: Национал

Денеска во Собранието ќе заседаваат неколку комисии, меѓу кои Комисијата за европски прашања, Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за одбрана и безбедност, како и Законодавно-правната комисија.

Комисијата за европски прашања ќе го разгледува Предлог-законот за високи раководители во прво читање.

Пред членовите на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе се најдат Предлог-законот за користење на енергијата од обновливи извори и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила, исто така во прво читање.

Со предложените измени на Законот за возила се прецизираат условите за пуштање на пазар и користење на возилата, нивната регистрација и техничка исправност, како и работата на техничките служби и правните лица овластени за технички преглед и регистрација. Целта е да се доуреди постапката за добивање овластување за вршење технички прегледи и продолжување на регистрацијата на возилата, како и да се создаде основа за донесување подзаконски акти за подетално регулирање на оваа област.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе расправа за Предлог-законот за судска служба и Предлог-законот за јавнообвинителска служба. Со Законот за судска служба се уредува статусот на вработените во судовите, вклучително судските службеници, државните службеници, судската полиција и помошно-техничкиот персонал. Предлогот се темели на принципите на законитост, професионалност, одговорност, ефикасност, економичност и транспарентност.

На дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност е Предлог-законот за оружјето, со кој се предвидува усогласување на домашната регулатива со европските стандарди. Предлогот вклучува ново дефинирање на поимите во законот, ревидирање на категоризацијата на оружјето и техничко-терминолошки прецизирања.

Со законските измени се очекува надминување на одредени практични предизвици со кои се соочуваат надлежните служби на Министерството за внатрешни работи, како и поефикасна примена на законските решенија во пракса.

 

CATEGORIES
Share This