ГОЛЕМА ГЕРМАНСКА ИНВЕСТИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА Мицкоски најави над 1.000 нови работни места
„Гересхајмер“ планира нова инвестиција на 100.000 квадратни метри и зголемување на бројот на вработени на 500, а во декември се очекуваат уште три нови производни капацитети.

Компанијата „Гересхајмер“, која досега реализирала две инвестиции во Македонија во вредност од околу 120 милиони евра, планира ново проширување на своето производство, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, германската компанија, која моментално вработува околу 300 лица во земјава, има амбициозни планови за дополнителна инвестиција.
„Нивната амбиција е нова, дополнителна инвестиција на 100.000 квадратни метри, со која ќе го зголемат бројот на вработени до 500 и практично ќе го тројно зголемат обртот на својот бизнис кај нас“, изјави Мицкоски.
Премиерот најави дека во декември се очекува отворање на три нови производни капацитети, кои по достигнувањето на полниот производствен капацитет би требало да обезбедат повеќе од 1.000 нови, добро платени работни места. Ова, според најавите, би претставувало значаен импулс за домашната економија и отворање нови можности за вработување.
Во рамките на посетата, Мицкоски остварил и билатерална средба со премиерот на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. На средбата било разговарано за продлабочување на економската соработка и привлекување нови инвестиции.
Мицкоски истакнал дека Македонија е единствената земја од Западен Балкан што има потпишано договор за ваков тип билатерална и економска соработка со оваа германска покраина.

