ПУТИН СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Надворешните сили сакаат да ја распарчат Русија
Рускиот претседател порача дека единството на народот е клучно за опстанокот на државата и оцени дека Русите секогаш успевале да се обединат кога земјата се соочувала со најголеми предизвици.

Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека надворешни сили постојано се обидуваат да го поделат руското општество, нагласувајќи дека единството на народот е од суштинско значење за зачувување на државата.
Говорејќи на седницата на Советот за меѓуетнички односи, Путин рече дека и покрај обидите на непријателите да ја „распарчат“ Русија, нејзините граѓани секогаш успевале да се обединат и да ја зачуваат земјата, објави „Спутник“.
Путин истакна дека во услови на сериозни предизвици, особено за време на воени операции, националните и верските разлики не се во преден план.
„Луѓето не размислуваат за разликите, ниту религиозни ниту национални. Тие се обединуваат и рамо до рамо решаваат заедничка задача“, порача рускиот претседател.
Според него, токму ова единство е една од клучните сили што ѝ овозможуваат на Русија да се справува со надворешните притисоци и закани.

