90.000 ДОБИВА 3.000 ДОДЕКА 20.000 добива 600 ДЕНАРИ Пензионерите бараат исто зголемување за сите
Иницијативниот одбор бара линеарното зголемување да се уреди со закон и да се применува и во иднина.

Пензионерите бараат повторно да се воведе линеарно зголемување на пензиите, наместо процентуално усогласување, со образложение дека на тој начин би се обезбедила поголема еднаквост меѓу сите приматели на пензија.
Од Иницијативниот одбор за линеарно зголемување на пензиите велат дека разликите во пензиите веќе се утврдени со самото пензиско решение, преку работниот стаж, образованието, работното место и висината на издвојувањата во текот на работниот век.
Според нив, овие критериуми веќе го определиле износот на пензијата и не треба повторно да влијаат врз висината на зголемувањето.
„Разликите се пресметани уште при пензионирањето“
Кирил Јосифовски, претседател на иницијативниот одбор на пензионерите од Охрид и Дебрца, вели дека по пензионирањето сите приматели се соочуваат со исти трошоци за живот.
„Главните параметри за формирање пензија, како што се работен стаж, образование и работно место, сето тоа е опфатено и вградено во решението за соодветната пензија. Врз основа на тие критериуми постојат пониски, средни и повисоки пензии“, изјави Јосифовски.
Тој додава дека по пензионирањето повеќе нема дополнителни издвојувања во пензискиот фонд, поради што, според иницијаторите, зголемувањето треба да биде еднакво за сите.
Бараат законско решение
Од Иницијативниот одбор најавуваат дека на средбата со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, ќе инсистираат линеарното зголемување да биде регулирано со закон.
„Сега на средбата со министерот ќе инсистираме тоа прашање да се уреди со закон. Очекуваме и бараме до следното мартовско зголемување ова прашање законски да се уреди и натамошното распределување на пензиите да биде линеарно“, рече Јосифовски.
Трајчо Митев од Штип, претседател на иницијативниот одбор од овој град, посочува дека конечната одлука треба да биде донесена преку законско решение пред Собранието, а пратениците да одлучат дали зголемувањето ќе биде линеарно или процентуално.
„Не е исто 600 и 3.000 денари“
Трајче Станојков од Свети Николе вели дека пензионерите не се против усогласувањето според економските показатели, туку бараат средствата предвидени за зголемување да се распределат еднакво.
„Не може 3 отсто да му се даде на оној кој има 90.000 пензија и да го наградиме со 3.000 денари, а да го казниме оној кој едвај дошол до 18 или 20.000 пензија и само за 600 денари да му се усогласи со животниот трошок. Какво е тоа усогласување, за некого 600, за некого 3.000 денари?“, прашува Станојков.
Тој побара и оставка од претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајковска, обвинувајќи ја дека од почеток се спротивставува на линеарното зголемување.
Од септември повторно процентуално усогласување
Барањата на пензионерите доаѓаат во период кога по две години во кои пензиите се зголемуваа со ист износ за сите, повторно се применува законската формула за процентуално усогласување. Според актуелниот модел, пензиите се усогласуваат двапати годишно, на 1 март и на 1 септември. При пресметката се земаат предвид растот на просечно исплатената плата и растот на трошоците за живот.
Тоа значи дека при процентуално зголемување, пензионерите со повисоки пензии добиваат и поголем износ во денари, додека кај пониските пензии зголемувањето е помало.

