СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ОД БУДИМПЕШТА Унгарија со поддршка за македонските евроинтеграции
На средбата со унгарскиот претседател Андраш Бака, претседателката ја нагласи потребата од проширување на ЕУ врз основа на заслуги и Копенхашките критериуми, како и од продлабочување на билатералната соработка.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова престојуваше во Будимпешта, каде што присуствуваше на работен ручек организиран од унгарскиот претседател Андраш Бака, во рамки на одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција. На средбата, Сиљановска-Давкова му упати честитки на Бака по повод неговиот избор за претседател во август годинава и изрази подготвеност за натамошно продлабочување на македонско-унгарските односи.
Како можности за унапредување на соработката ги посочи интензивирањето на политичкиот дијалог, размената на посети на високо ниво и зајакнувањето на економските врски меѓу двете држави.
Во разговорите, претседателката изрази благодарност за, како што беше посочено, принципиелната и гласна поддршка од Унгарија за македонските евроинтеграции, како и за активниот ангажман на земјата во рамките на Вишеградската група. Сиљановска-Давкова ја нагласи потребата од кредибилен процес на проширување на Европската Унија, заснован врз заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми.
Таа порача дека проширувањето со земјите од Западен Балкан е важно прашање за иднината на Унијата, при што процесот треба да се темели врз јасни критериуми и доследна примена на европските принципи.
Соговорниците разговараа и за актуелните геополитички предизвици, како и за потребата од зајакнување на мултилатерализмот како механизам за градење посилни и поефикасни меѓународни институции.
Претседателката истакна дека е неопходно да се спроведат длабоки реформи во меѓународните организации, со цел да се овозможи поголемо учество на малите држави во донесувањето одлуки за глобалните прашања. Таа се заложи и за премин од реактивна кон превентивна дипломатија, оценувајќи дека навременото дејствување е клучно за поефикасно справување со глобалните кризи.
Во разговорите беше нагласена и важноста од продолжување на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, како дел од пошироките напори за стабилност, соработка и европска перспектива на регионот.

